Баер Леверкузен стигна до импресивна победа против Глазгов Ренџерс од 3-1 на гости, а со предност пред домашниот меч е и Шахтер Доњецк по триумфот кај Волфсбург од 2-1. Во Грција пак, Олимпијакос кој остана со играч помалку ремизираше со Вулверхемптон 1-1.

„Фармацевтите“ на „Ајброкс“ стигнаа до водство во 37. минута со голот на Каи Хаверц од пенал, а Арангуиз во 67. минута зголеми на 2-0. Тимот на Стивен Џерард успеа да врати еден гол преку Џорџ Едмундсон во 75. минута, пред Леон Бејли во 88. минута да ја потврди импресивната победа на Бундеслигашот.

На „Фолскваген арената“ пак, имаше два промашени пенали за двата тима, но на крај украинскиот Шахтер стигна до победа. Жуниор Мораеш ги донесе гостите до водство во 17. минута, а само пет минути подоцна пеналот на Коваленко заврши во рацете на голманот на Волфсбург. Домаќините имаа шанси да израмнат во судското продолжение од првото полувреме, но Вегхорст се лизна пред изведувањето на својот пенал. Џон Брукс сепак, израмни за Волфсбург во 48. минута, пред Маркос Антонио да ја врати предноста на Шахтер во 73. минута.

Олимпијакос од 29. минута играше со играч помалку по црвениот картон на Рубен Семедо, но први стигнаа до гол преку Јусеф Ел Араби во 54. минута, пред Нето да израмни за „волците“ во 67. минута.

ОСМИНАФИНАЛЕ, ПРВИ МЕЧЕВИ

Олимпијакос – Вулверхемптон 1-1

Глазгов Ренџерс – Баер 1-3

Волфсбург – Шахтер 1-2

Башакшехир – Копенхаген 1-0

Ајнтрахт Франкфурт – Базел 0-3

ЛАСК Линц – Манчестер јунајтед 0-5

Одложени мечеви

Севилја – Рома

Интер – Хетафе