Во утрешното финале во Лисабон, Баварците ќе играат за шестата, а ПСЖ за првата европска титула

Баерн и ПСЖ, кои се вбројуваа во најтесниот круг фаворити за освојување на шампионската титула, ги оправдаа очекувањата и ќе се сретнат во утрешното финале на Лигата на шампионите (ЛШ) во Лисабон (Португалија), зад затворени врати, без публика. За Баерн, кој пет пати ја има освојувано титулата (1974, 1975, 1976, 2001, 2013), ова ќе биде 11-то финале во ЛШ/КЕШ. За ПСЖ, кој слави 50 години од формирањето, ова е прво финале, 41. екипа на која ѝ успеало тоа (ќе биде 23-та што победува), а претходно најдобриот пласман му беше во полуфиналето, во 1995-та. Двата тима досега одиграле осум меѓусебни средби, сите во натпреварите по групи во ЛШ, а поуспешен, со пет победи и три порази, е ПСЖ.
Баерн е во одлична форма и е во фантастична серија од 29 меча во низа без пораз сезонава во сите конкуренции, со максимални 10 победи во ЛШ и со 42 постигнати гола. ПСЖ, пак, чии богати газди од Катар во минатите десетина години за купување играчи потрошија над една милијарда евра и чиј состав моментално на фудбалскиот пазар се проценува на околу 700 милиони евра конечно има шанса за освојување на толку посакуваниот трофеј, вкупно петти сезонава.

Пред вакви мечеви вообичаено се прават разни анализи за квалитетите и евентуалните слабости на двата тима. Но бидејќи тренери на двата тима се Германци, Ханс-Дитер Флик на Баерн и Томас Тухел на ПСЖ, кои добро се познаваат, имаат слично фудбалско образование и сфаќања, најверојатно, отпаѓа какво било тактичко изненадување. Тоа значи дека ќе победи тимот што ќе одигра подобро и што ќе знае да ги искористи своите шанси.
Еден од главните адути на Баерн, кој игра висок пресинг, е првиот стрелец, најефикасниот напаѓач сезонава во Европа, со 55-те гола од кои 15 во ЛШ, Роберт Левандовски. Но освен него, во одлична форма се Серж Гнабри, полуфиналниот херој на Баерн, Томас Милер, бекот, 19-годишниот Алфонсо Дејвис, Канаѓанец по потекло од Гана. Главната закана за ПСЖ ќе доаѓа преку централните напаѓачи, Левандовски и Милер, но и од крилните напаѓачи, Гнабри, Перишиќ, па и од Дејвис, кој честопати се уфрла во нападот.

ПСЖ ги има Нејмар и Килијан Мбапе во нападот, од нив најмногу се очекува, но и одбраната е солидна, за што сведочат само петте примени гола на 10-те натпревари. Нејмар би требало да блесне, да го постигне првиот гол на мини-турнирот во Португалија и да ја оправда скапата инвестиција од 220 милиони евра во 2017-та. Но клучен играч за Тухел би можел да биде и Анхел ди Марија, како во нападот така и во одбраната за неутрализирање на Дејвис. 


ЛШ, ФИНАЛЕ
Утре (21 ч.), стадион „Луж“,
Лисабон
Баерн – ПСЖ