Фудбалерите на Арсенал со трофеј ја започнаа новата сезона во Англија. „Топџиите“ 16-ти пат во историјата го освоија Комјунити шилд, англиската верзија на Суперкупот, откако го совладаа актуелниот првак Ливерпул по изведувањето на пенали. Натпреварот по 90 минути заврши без победник 1-1, а во пенал-серијата Арсенал славеше 5-4.
Пјер-Емерик Обамејанг во 12 минута го постигна голот за водство на Арсенал, а Ливерпул израмни во 73 минута преку Такуми Минамино, кој го постигна својот прв гол за „црвените“.
Во пенал-серијата промаши само младиот Риан Брустер кој влезе во игра во претпоследната минута. Неговиот удар ја погоди гредата.