Американките, кои имаат четири злата од ЛОИ, во Рио 2016 година беа елиминирани од Шведска во четврт-финалето
Женската фудбалска репрезентација на САД, актуелниот и четирикратен светски првак, предводена од селекторот, Македонецот Влатко Андоновски, се квалификува за олимпискиот турнир во Токио, летово. Андоновски има шанса да биде првиот селектор на репрезентацијата што по триумфот на Светското првенство (СП) 2019 во Франција освојува и олимписка титула. На САД не им успеа тоа на Игрите во 2000-та во Сиднеј и во 2016-та во Рио.
Американките го заверија настапот на Летните олимписки игри (ЛОИ) со победата над Мексико, од 4-0, во полуфиналето на регионалните КОНКАКАФ-квалификации во Карсон, Калифорнија. Мечот се одигра на стадионот на Лос Анџелес Галакси пред 11.292 гледачи. Американките на четирите досегашни меча на квалификацискиот турнир постигнаа 22, а не примија ниеден гол.
– Пристапот кон овој меч ни беше како и на сите претходни и тој став нема да го менуваме натаму. Секој натпревар што ни претстои ќе ни биде најважен, без разлика дали тоа е на квалификациски турнир или е пријателски меч – изјави селекторот на САД, Влатко Андоновски, кој е селектор на САД од ноември лани.
Синоќешното финале на турнирот против Канада беше формалност, оти и Канаѓанките си обезбедија настап на завршниот олимписки турнир со триумфот над Костарика, од 1-0, во првото полуфинале.
САД има освоено четири злата на ЛОИ, во Атланта 1996, Атина 2004, Пекинг 2008 и во Лондон 2012, како и сребро во Сиднеј 2000. Во Рио 2016, САД беа елиминирани од Шведска во четврт-финалето.