Двете репрезентации досега играле по еднаш во финале на големо натпреварување и победиле, Англија на Светското првенство во 1966 година, а Данска на Европското првенство во 1992 година
Во вечерашниот втор полуфинален меч на фудбалското Европско првенство (ЕП) 2020, Англија игра со Данска од 21 часот, на стадионот „Вембли“ во Лондон, на кој се очекуваат 60.000 гледачи. Победата за Англија ќе значи и прво финале за таа репрезентација на ЕП и на голем турнир по триумфот на Светското првенство во 1966 година. Англичаните би можеле да станат 13-та земја финалист во 60-годишната историја на ова натпреварување. Данска, пак, првпат игра во полуфинале по ЕП 1992, на кое ја освои титулата.
Англија е многу поуспешна во меѓусебните дуели, со 12 победи, пет ремија и само четири порази, последниот во октомври 2020-та во Лигата на нациите (ЛН) на „Вембли“ (0-1). Англичаните се полни со самодоверба по најголемата победа на ЕП, со Украина во четврт-финалето, со 4-0. Избраниците на селекторот Герет Саутгејт се првиот тим без примен гол (постигнаа осум) на првите пет меча на ЕП, играат на домашен терен и пред своја публика… Останува да се види дали Саутгејт на овој меч ќе се врати на формацијата со тројца играчи во одбраната, како што стори против Германија, или ќе игра во формација 4-2-3-1, за која се смета дека најмногу им одговара на фудбалерите во моментов. Главната опасност за нивните противници доаѓа од Хари Кејн и од Рахим Стерлинг, кои постигнаа по три гола на турнирот.
– Имаме прекрасна можност, шанса да испишеме историја, бидејќи никогаш не сме играле во финале на ЕП. Притисокот не е голем, тоа е уште еден нов предизвик за тимот и во моментот играчите добро се справуваат со тие предизвици. Одигравме два натпревара со Данска минатата есен. Знаев дека се добар тим и претходно, тие го докажаа тоа и на овој турнир. Очекувам фантастичен натпревар – изјави Саутгејт.
Данска се созеде по шокот на првиот меч против Финска (0-1) кога Кристијан Ериксен преживеа срцев удар, па селекцијата влезе во форма во вистинско време. Тие на претходните четири меча постигнаа 11 погодоци, од кои 10 на последните три. Со елиминацијата на Велс и на Чешка во нокаут-фазата, Данска повеќе не е аутсајдер. Англија ќе ѝ биде најголемиот тест досега, но кај Данска нема никаков страв со оглед на тоа што тимот на Саутгејт не постигна гол на двата меѓусебни меча во ЛН (1-0 и 0-0). По отсуството на Ериксен, селекторот Каспер Хјулманд се справи со предизвикот, со тактиката, како и со емоциите, со промената на формацијата, 3-5-2. Тоа е тим што знае да се брани, но и да постигнува голови.
– Љубовта и сочувството од целото данско население му дадоа крилја на овој тим. Играме со срцето на Кристијан, со срцето на цела Данска. Со таа поддршка, силно веруваме во себе – изјави Хјулманд.
Со три гола на два меча, Каспер Долберг влезе во ексклузивниот клуб во кој членуваат петмина дански играчи што постигнале по три гола на ЕП. Тоа се Брајан Лаудруп, Франк Арнесен, Јон Дал Томасон и Хенрик Ларсен.