Селекторот на македонската фудбалска епрезентација, Игор Ангеловски, го објави списокот на фудбалери за претстојните два натпревари против Ерменија (5 септември) и Грузија (8 септември) од новото издание на Лигата на нациите.
Ангеловски реши да повика играчи кои подолг период играат во репрезентацијата. Тихомир Костадинов го нема на списокот поради повреда, додека Ферхан Хасани е изоставен поради ковид-ограничувањата во Финска. Даниел Аврамовски пријавил повреда но тој ќе допатува во Скопје.
– Овие фудбалери на македонската репрезентација веќе подолг период остваруваат одлични резултати, трето место во квалификациите за ЕП, прво место во групата од Лигата на нациите, пласман во бараж за Европско првенство и очекувам согласно нивниот квалитет да продолжиме со позитивни игри и резултати, а се со цел да ги израдуваме нашите верни навивачи кои ќе ни недостасуваат на овие натпревари. Овие два натпревари од новото издание на Лигата на нациите, покрај резултатскиот императив ни се добредојдени и за последна проверка во пресрет на натпреварот против Косово на 8 октомври – истакна Ангеловски.
Собирот на А репрезентацијата е закажан за понеделник во 12 часот во Скопје.
Список на фудбалери
Голмани: Столе Димитриевски (Рајо Валјекано, Шпанија), Дејан Илиев (Арсенал, Англија), Дамјан Шишковски (Докса, Кипар);
Одбрана: Висар Муслиу (МОЛ Фехервар, Унгарија), Егзон Бејтулаи (Шкендија), Кире Ристевски (Ујпешт, Унгарија), Стефан Ристовски (Спортинг Лисабон, Португалија), Дарко Велковски (Риека, Хрватска), Ѓоко Зајков (Шарлроа, Белгија), Кристијан Тошевски (Тирана, Албанија);
Среден ред: Енис Барди (Леванте, Шпанија), Аријан Адеми (Динамо Загреб, Хрватска), Бобан Николов (МОЛ Фехервар, Унгарија), Стефан Спировски (АЕК Ларнака, Кипар), Езџан Алиоски (Лидс, Ангелија), Елиф Елмас (Наполи, Италија), Даниел Аврамовски (Кајзериспор, Турција);
Напад: Горан Пандев (Џенова, Италија), Иван Тричковски (АЕК Ларнака, Кипар), Илија Несторовски (Удинезе, Италија), Александар Трајковски (Мајорка, Шпанија), Крсте Велкоски (Сараево, БиХ), Влатко Стојановски (Шамбли, Франција);