Собирот на репрезентативците е закажан за понеделник, во Скопје, каде што ќе се тренира до мечот со Ерменија. Ќе нема поголеми измени во составот, во прв план се фудбалерите што беа стандардни во минатиот период, вели Ангеловски

ФУДБАЛ

Селекторот на македонската репрезентација Игор Ангеловски најави дека списокот со 23 фудбалери на Македонија за првите два меча во втората сезона од Лигата на нациите (ЛН) ќе го објави в сабота. Во рамките на Лига Ц, во групата 2, Македонија треба да се сретне со Ерменија во Скопје на 5 септември и потоа со Грузија, на гости, на 8 септември.
– Собирот на репрезентативците е закажан за понеделник, во Скопје, каде што ќе се тренира до мечот со Ерменија. Ќе нема поголеми измени во составот, во прв план се фудбалерите што беа стандардни во минатиот период, во квалификациите за Европското првенство и во минатиот циклус во Лигата на нациите. Засега нема откажувања или други проблеми, но во ваква ситуација, кога работите се менуваат од ден на ден, можни се секакви изненадувања.

Но се надевам дека сѐ ќе биде во ред и оти ќе бидеме комплетни за следните натпревари – вели Ангеловски.
Во групата два е уште и репрезентацијата на Естонија. Во Лига Ц има четири групи, а победниците на групите ќе се пласираат во Лига Б за следното издание на Лигата на нациите. Последнопласираните во групите, пак, во следното издание ќе играат во Лига Д. Во овој циклус настапот во Лигата на нациите за три репрезентации може да донесе и пласман на Светското првенство во 2022 година во Катар. Во претходната сезона, која допрва треба да се доигра, за победниците на плејофите на ЛН има четири места на Европското првенство в година.