Продолжува потрагата по авионот во кој патувал 28-годишниот фудбалер Емилијано Сала, кој исчезна над Каналските Острови при патувањето од Франција кон Велика Британија. Пред да се изгуби контактот со авионот, Сала испратил пораки на своите блиски и соиграчите од премиерлигашот Кардиф, известувајќи ги за ситуацијата, објавува австралиски „Њуз“.
– Се наоѓам во авион, кој се чини дека ќе се распадне. Ако не чуете други новости од мене за час и половина, пратете помош, бидејќи знаете што се случило. Почнувам да се плашам – напишал Сала во пораките.
По губењето на сигналот од авионот, петнаесетчасовната потрага не даде резултат. На површината на водата биле забележани предмети што пловат, но екипите што учествуваат во потрагата не беа во можност да докажат дали станува збор за исчезнатиот авион на Сала. Потрагата во која учествуваат пет авиони и два брода за спасување, продолжи утринава.
– Не знаеме како авионот едноставно исчезнал. Тие биле на висина од 600 метри кога авионот исчезнал од радарот, така што е можно да летал уште девет километри пред да падне во водата. Доколку авионот се срушил во водата, шансите за преживување, за жал, се многу мали. Доколку слетувањето било неконтролирано, би тебало да најдеме остатоци од авионот и дамки од масло во водата – изјавил Џон Фицџералд, кој го предвиди тимот што учествува во потрагата.
Синоќа, навивачите на француски Нант, за кој досега настапуваше Сала, положија цвеќе во чест на фудбалерот и на пилотот на авионот. Францускиот весник „Л’Екип“ ја сподели приказната за тажната судбина на фудбалерот во написот со наслов „Исчезнувањето на воинот“.
– Возбудата за доаѓање на нов играч во клубот носи голема среќа. Така се чувствувавме за Сала. Тој требаше да го подобри тимот и да ги постигне головите кои ќе нѐ задржат на врвот. Тој е еден од најдобрите тројца напаѓачи кои играа сезонава во Франција. Но, за неколку часа, толку мнногу работи се сменија – вели Џон Томас, навивач за Кардиф.
Играчите на Кардиф утрово беа информирани за ситуацијата и нивниот тренинг беше откажан. В.Т.