Завршувањето на натпреварите сезонава изгледа доста комплицирано, но не е подобра ситуацијата и за наредната сезона. Во моментов сите очи се вперени кон Германија, во исчекување дали амбициозниот план за рестартирање на првенството на 9 мај има шанси да се реализира, бидејќи германските клубови се соочуваат со истите проблеми како клубовите во другите земји на континентот. Можеби се на различни точки на кривата, но ако некоја голема лига успее да ги продолжи натпреварите тоа ќе им влее големи надежи и на другите дека можат да го сторат истото тоа
По серијата состаноци и дискусии минатата недела, Европската фудбалска унија (УЕФА) понуди некои решенија за тоа како се надеваат тие дека фудбалот ќе почне да закрепнува од паузата поради пандемијата на коронавирусот. УЕФА прво истакнува дека „здравјето е приоритет“ по што следуваат и насоките, односно препораките оти националните лиги треба да ги „истражат сите можни опции“ за да ги завршат прекинатите првенства со различни формати. Ако поради мерки на владите на одредени земји или поради „непремостливи економски проблеми“ не ќе може да се играат натпревари, пласманот на клубовите во еврокуповите во сезоната 2020/2021 би требало да биде одлучен според „спортски заслуги“, пишува „Би-би-си“.
УЕФА го претстави и планот за доигрување на мечевите во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ). Тие би почнале со реванш-мечевите од осминафиналето, на 7 или 8 август. Потоа би следувале четвртфиналните дуели (дома и на гости) на три или четири дена, а во неделите остануваат термините за домашните натпревари. Резервниот план вклучува еден, наместо два натпревара. Финалето е закажано за Истанбул на 29 август. Натпреварите во ЛЕ би се играле еден ден пред тие во ЛШ, а финалето е планирано за Гдањск, на 27 август.
Завршувањето на натпреварите сезонава изгледа доста комплицирано, но не е подобра ситуацијата и за наредната сезона. На 213 клуба од 55 земји-членки на УЕФА, потребни им се 357 натпревари за да стигнат до натпреварите по групи во ЛШ и во ЛЕ, кои би требало да почнат кон средината на октомври. УЕФА сака сите клубови да бидат вклучени, дури ако треба да се игра и по еден натпревар. Планираниот датум за почеток е 28 јули.
Настрана логистичката главоболка вклучена за сите овие мечеви, дури и ако почнат да се играат, некои би се играле во исто време кога завршува сезоната 2019/2020. Ова отвора неколку интересни сценарија. Така, Глазгов ренџерс треба да игра со Баер во вториот натпревар од осминафиналето на Лига Европа на 6 август. Ако сезоната во Шкотска биде прогласена за завршена, тие треба да влезат во европската сезона 2020/2021 во второто квалификациско коло, кое е закажано за 13 и 20 август, пишува „Би-би-си“.
Во моментов сите очи се вперени кон Германија, кон Бундес-лигата, во исчекување дали амбициозниот план за рестартирање на првенството на 9 мај има шанси да се реализира, бидејќи германските клубови се соочуваат со истите проблеми како клубовите во другите земји и лиги на континентот. Можеби се на различни точки на кривата, но ако некоја голема лига успее да ги продолжи натпреварите тоа ќе им влее големи надежи и на другите дека можат да го сторат истото тоа, пишува „Би-би-си“.