ФИФА, фудбалерите и институциите се ангажирани во борбата против ковид-19, фудбалскиот свет се мобилизира за да им помогне на погодените и да ја кренат свеста кај гледачите, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА). Иако натпреварите запреа, борбата во фудбалот против пандемијата продолжува низ целиот свет, бидејќи многу членови на фудбалското семејство помагаат за да се надмине оваа криза.
Некои фудбалски федерации во светот дале на располагање опрема и инфраструктура, меѓу другите автобусот на националниот тим во Перу, тимскиот хотел на Шпанија, центарот за обука во Италија и седиштето на националната федерација во Аргентина се ставени на располагање за да помогнат во справувањето со кризата, пишува ФИФА. Многу клубови се активни во борбата против ковид-19, со тоа што бројот на донации постојано расте.
Барселона и Реал, на пример, ги ставија своите капацитети на располагање на властите. Различни групи гледачи организирале собирање финансиски средства, меѓу другото. Следејќи ги примерите на Кристијано Роналдо и на Лионел Меси, пак, голем број врвни играчи дадоа значителни донации за жртвите на ковид-19, болниците и за други организации, меѓу кои и Килијан Мбапе, Роберт Левандовски, Давид де Хеа, Лерој Сане, Маркус Рашфорд… Поранешните фудбалери, исто така, помагаат, па Сере, победник во Копа Либертадорес, ги даде на аукција своите медали, пишува ФИФА.
Во отсуство на вистински фудбал, има многу виртуелни средби. Ѕвездата на Реал, Герет Бејл излезе со идеја за турнир во ФИФА 20, за да се соберат пари за решавање на пандемијата, а ќе играат и Лук Шо, Даниел Џејмс (Манчестер Ј.), Џордан Пикфорд, Доминик Калверт (Евертон), Мејсон Маунт, Рубен Лофтус-Чик, Били Гилмур (Челси), Левин и Киеран Тиерни (Арсенал).
– Во ова тешко време сакам да вратам и да се обидам да помогнам на кој било начин. Ова е одлична иницијатива, која се надевам помага во борбата против коронавирусот и, во исто време, ги забавува оние што не се во можност да ги напуштат своите домови. Ако сите го сториме својот дел, можеме да го победиме тоа заедно – рече Бејл, пренесе ФИФА.