Претседателот на САД, Доналд Трамп, на Твитер објави дека нема да гледа фудбал доколку репрезентативците на САД клекнуваат на колена за време на интонирањето на националната химна. Трамп се противи на одлуката на фудбалската асоцијација на САД да им дозволи на репрезентативците слободно да го изразуваат својот став и да не мора да стојат при интонирањето на химната како што наложува протоколот. Трамп наведува дека „повеќе би сакал САД да немаат фудбалска репрезентација отколку да имаат таква што нема да стои при интонирањето на химната“.
Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) на критиките на Трамп одговори со повик за „толеранција, меѓусебно почитување и здрав разум“.
– ФИФА силно се залага за толеранција, заемно почитување и за здрав разум кога се расправа за многу важни работи. ФИФА има нулта толеранција за инцидентите во сите форми на дискриминација во фудбалот, како што е наведено во Статутот. Сите мора да кажеме не за расизмот и не за насилството – се вели во изјавата на ФИФА за „Асошиејтед прес“.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, претходно пофали неколку познати фудбалери на тимови од германската Бундес-лига, меѓу кои беше и членот на американската репрезентација и играч на Шалке, Вестон Мекени, за нивната солидарност и поддршка на борбата против расизмот.
Одговарајќи на твитот на Трамп, ФИФА додаде и дека „ставот на Инфантино за правата на играчите да го искажат нивниот став против расизмот, дискриминацијата и насилството јасно кажан пред две седмици, не е променет“.