ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП

По првите септемвриски натпревари во европските квалификации за Светското првенство в година во Катар, само Данска, Англија (двете по четири меча) и Шведска (од три средби) се без загубен бод. Данска, пак, единствена досега не прими гол и има вкупна гол-разлика 16-0. Англија и Данска имаат по пет бода предност во своите групи.
Најизрамнета група засега е групата Х, во која разликата меѓу селекциите е само три бода по четири кола (Хрватска и Русија имаат по седум бода, Словачка шест, а Словенија, Малта и Кипар по четири бода).


Шведска ја прекина 28-годишната серија на Шпанија без пораз

Шпанија го претрпи првиот пораз во квалификациите за светските првенства (СП) од 1993 година, откако Шведска со пресврт ја прекина серијата од 66 натпревари на шпанската репрезентација, пишува „Би-би-си“.
Карлос Солер ја донесе селекцијата на Шпанија во рано водство во Стокхолм на неговото меѓународно деби. Но само 12 секунди откако играта продолжи, Александар Исак ја искористи грешката во одбраната и го израмни резултатот. Виктор Класесон во второто полувреме со погодок ѝ донесе победа на Шведска.
Претходната репрезентација што ја победи Шпанија во квалификациите за СП беше соседот на Шведска, Данска, во март 1993 година во Копенхаген. Оттогаш, Шпанија победи на 52 квалификациски меча за пласман на светските првенства, а 14 натпревари одигра нерешено.