Роџерс, кој е фасциниран од психологијата и кој студирал невролингвистичко програмирање, смета дека негова работа е да им влезе во умовите на своите играчи, вели во интервју за „Скај спорт“
ФУДБАЛ – БРЕНДАН РОЏЕРС, МЕНАЏЕР НА ЛЕСТЕР
Во ексклузивното интервју за британскиот „Скај спорт“, менаџерот на англискиот фудбалски Премиер-лигаш, Лестер, Брендан Роџерс ги открива психолошките алатки што ги користи за да го извлече најдоброто од своите играчи. Тој е човек што е фасциниран од психологијата, кој студирал невролингвистичко програмирање повеќе години, и смета дека негова работа е да им влезе во умовите на своите играчи.
– Тоа порано го користев од лична гледна точка, бидејќи сакав да бидам најдобриот татко на моите деца. Како да ги научам техниките со кои ќе им помогнам? Тоа требаше да ги опфати мојот професионален и социјален живот. Го проучував тоа долго време и уште ги чувствувам придобивките. Ми помага да ги разберам играчите и што е тоа што сакаат да го постигнат – вели Роџерс за „Скај спорт“.
Понекогаш некои мали работи што предизвикуваат реакција доаѓаат однадвор. Во други ситуации, тие доаѓаат одвнатре, од клубот. Идентификувањето на она што ќе инспирира еден играч, но ќе има малку влијание врз друг, е вештина што Роџерс ја научил преку искуството.
Воспоставувањето добар однос е еден од клучните принципи. Затоа разговорите се меѓу првите работи што тој ги прави со новите фудбалери. Тие имаат различно потекло и различни цели.
– Секогаш уживам во разговорот со фудбалерите и сакам да дознаам што сакаат да постигнат, бидејќи секоја индивидуа е различна. Но главното е во нивните глави. Тие се кралеви на сопствената судбина. Тие мора да бидат посветени за да стигнат до посакуваното ниво. Значи, ако некој ми каже дека сака да биде најдобриот напаѓач на светот или еден од најдобрите фудбалери од средниот ред во светот и постои посветеност на тоа, работата што треба да ја направите е да го достигнат тоа ниво, тој стандард. За многумина постојат различни извори на инспирација.
За некои тоа е професионална амбиција, за други социјална потреба. Секој фудбалер има своја мотивација. Мојата работа е секој ден фудбалерите да ги туркам до крајните граници, за да успеат. Мислам дека тоа е многу битно за младите фудбалери. Кога сте со поискусен фудбалер, кој имал подеми и падови во играта можеби, ќе треба да најдете поинаков начин да го поттикнете. Понекогаш треба да им кажете и работи што не сакаат да ги слушаат. Но битен е начинот на кој ќе им го кажете тоа. Нивната реакција тогаш е многу попозитивна отколку да ги „тепате со стап“ – вели Роџерс за „Скај спорт“.
Наша работа е колективно да најдеме одговор
Не измислувајте изговори, вели Брендан Роџерс. Ако седнете и зборувате за играчи што ви недостигаат, со тоа не им давате голема поддршка на оние што ги имате на располагање.
– Отсекогаш сум се обидувал да им покажам на фудбалерите дека имам доверба во нив. Наша работа е колективно да најдеме одговор. Тоа е предизвикот. Сакам да веруваме во нашата способност како група, да веруваме во колективот. И ајде да ја најдеме идејата заедно – рече Роџерс, во интервју за „Скај спорт“.