Сезоната ќе продолжи со мечевите Манчестер сити – Арсенал и Астон вила – Шефилд на 17 јуни. Првпат по 32-години натпревари ќе пренесува и Би-би-си

Прекинатата сезона во Премиер-лигата ќе продолжи на 17 јуни со средбите Манчестер сити – Арсенал и Астон вила – Шефилд. Сите преостанати 92 средби ќе бидат пренесувани на телевизија во живо, на Скај спорт, БТ спорт, Би-би-си и на Амазон.
– Акционерите во Премиер-лигата се согласија за датум за рестартирање за сезоната 2019/2020, од среда, 17 јуни, под услов да се воспостават сите безбедносни услови. Двата одложени меча поради финалето во Лига-купот, Астон вила – Шефилд и Манчестер сити – Арсенал, ќе се играат на 17 јуни, по што ќе следува целосната рунда, која ќе започне в петок, 19 јуни. Поради ковид-19, натпреварите ќе се играат зад затворени врати – се вели во соопштението на Премиер-лигата. Потврдено е и дека сите натпревари ќе бидат прикажувани во Велика Британија на ТВ-каналите, кои во моментов ги имаат правата за преноси. Тоа значи дека некои натпревари ќе можат да се и гледаат бесплатно, во живо, на Би-би-си, која обично ги прикажува најинтересните моменти од мечевите, првпат по 1992 година откако е формирана Лигата. Би-би-си последен пат пренесуваше во живо натпревари од Првата англиска лига пред 32 години, во сезоната 1987/1988.

Натпреварите во викендите, од петок до понеделник, како и во вторник, среда и четврток, треба да се играат во 10 различни временски термини, за да им се овозможи на љубителите на фудбалот да гледаат натпревари секоја вечер, до крајот на сезоната, истакнуваат од Премиер-лигата.
Почетокот на натпреварите в петок е 21 ч., во сабота 13.30, 16, 18.30 и 21 ч., во недела 13, 15, 17.30 и 20 ч., во понеделник од 21, а во вторник, среда и четврток од 19 и 21 часот. Но главниот извршен директор на Премиер-лигата, Ричард Мастерс, објасни дека сите планови и датуми засега се привремени.
Премиер-лигата се надева дека ќе ја заврши кампањата 2019/2020 до 25 јули, евентуално до 2 август, а финалето на ФА-купот, да се одигра една недела подоцна, на 8 или 9 август.

Играњето дома и на гости изгледа најверојатната опција за повеќето натпревари, со тоа што е можно некои што се оквалификувани со т.н. висок ризик да се играат на неутрални стадиони по барање од полицијата.
Клубовите продолжуваат со тренинзите со „дозволен контакт“, а фудбалерите и персоналот и натаму ќе се тестираат двапати неделно. Тие што ќе бидат позитивни на тестовите, ќе мора да се изолираат седум дена. Во третата фаза од „Проектот за рестартирање“ ќе следуваат тренинзи со сите играчи и играњето контролни дуели. 


Бундес-лигата прва продолжи, следува Ла лига

Прва голема лига во Европа што ја продолжи прекинатата сезона беше германската Бундес-лига, на 16 мај. Сите натпревари се играат зад затворени врати без публика.
Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, објави дека во Ла лига натпреварите ќе може да се играат од 8 јуни, а министерот за спорт на Италија, Винченцо Спадафора, пред два дена потврди дека мечевите во Серија А ќе продолжат на 20 јуни.

Во француската Лига 1 (ПСЖ е прогласен за првак), во холандската Ередивизие и во белгиската Пролига сезоните беа прекинати предвреме.
Во Шкотска, Селтик беше потврден како шампион, деветта сезона едноподруго, откако 12-те клуба се согласија дека завршувањето на кампањата е неизводливо.