ФИФА објави дека привременото правило воведено сезонава поради пандемијата ќе важи и во следната сезона, а секоја лига или натпреварување сами ќе одлучуваат дали ќе го применуваат
Светската фудбалска федерација (ФИФА) објави дека новото правило за пет замени на фудбалери на еден натпревар за секоја екипа останува да важи до крајот на сезоната 2020/2021. Секоја лига или натпреварување сами ќе одлучуваат дали ќе го применуваат новото правило.
ФИФА потврди дека петте замени ќе може да се прават трипати за време на натпреварот за да не се нарушува текот на играта. Правилото со кое му се овозможува на секој тим да направи по пет, наместо по вообичаените досега три замени, беше донесено поради дополнителните физички напори со кои се соочија играчите по рестартирањето на лигите и згуснатиот распоред по прекинот поради пандемијата на коронавирусот.
Главната причина за привремената измена на „законот три“ е заштита на здравјето на играчите, кои и натпреварите во сезоната 2020/2021 ќе ги играат во згуснат период и во различни временски услови.
Првите реакции на оваа одлука се позитивни, иако има некои менаџери, особено од клубовите во долниот дел од табелата во англиската Премиер-лига, кои веруваат дека оваа измена во правилото им оди во прилог на поголемите клубови со поголеми буџети и со поголем број квалитетни фудбалери на клупите за резервни играчи.
ФИФА се обидува да ги заштити играчите од „горење“, бидејќи од најголемите лиги во Европа ќе има кратка пауза, по што продолжува новата сезона.