За македонската селекција второто издание на натпреварувањето почнува в сабота во Скопје (15 часот), со деветтата средба со репрезентацијата на Ерменија, во рамките на лига Ц
ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ
Второто издание на Лигата на нации на Европската фудбалска унија (УЕФА) почнува денеска, со десет меча во секоја од четирите лиги (А, Б, Ц и Д), меѓу кои и дербито Германија – Шпанија, а за македонската селекција таа почнува в сабота (15 часот) во Скопје, со деветтата средба со репрезентацијата на Ерменија, во рамките на лига Ц. Во првото издание, во 2018 година, Македонија го освои првото место во својата група и од лига Д се пласира во лига Ц.
Новата сезона на Лигата на нации почнува со денешните дуели Летонија – Андора, Фарски Острови – Малта, Германија – Шпанија, Бугарија – Република Ирска, Русија – Србија, Словенија – Грција, Турција – Унгарија, Молдавија – Косово, Украина – Швајцарија и Финска – Велс.
Во групата 2, покрај Македонија и Ерменија, се и репрезентациите на Грузија и на Естонија. Поради паузата од пандемијата на коронавирусот тоа ќе биде прв меч за Македонија по средбата на 19 ноември 2019 година, со Израел, во Скопје.
– Среќни сме што повторно сме заедно. Сите знаеме дека нашето заедништво нѐ краси веќе подолго време и токму тоа заедништво ни донесе и резултати претходниве години. Паузата е долга, но не гледам во минатото, туку гледам што нѐ чека, а тоа се дуелите со Ерменија и со Грузија. Без разлика на ситуацијата и долгата пауза, подготвени се да го дадеме максимумот на овие натпревари. Прво, нашите мисли ќе бидат насочени кон Ерменија.
Да влеземе максимално мотивирано, со цел оваа Лига на нации да ја отвориме со победа, а со тоа и што подобро да се подготвиме за натпреварот што нѐ чека за еден месец, против Косово, во Скопје – вели селекторот Игор Ангеловски за интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија.