Ливерпул вторпат го совлада Лајпциг со 2-0 и се пласира меѓу најдобрите осум тима, а Барселона по ремито со ПСЖ, 1-1, првпат по сезоната 2006/2007 е елиминирана во осминафиналето
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, ОСМИНАФИНАЛЕ
Ливерпул успеа да се „исклучи“ и за миг да ги заборави лошите игри и шесте порази во низа на домашен терен во англиската фудбалска Премиер-лига и се пласира во четврт-финалето на Лигата на шампионите (ЛШ). Во реваншот од осминафиналниот дуел, кој одново се играше во Будимпешта, Ливерпул го совлада Лајпциг, со идентични 2-0, и се пласира меѓу најдобрите осум екипи. Стрелци на головите повторно беа Мохамед Салах и Садио Мане.
– Ова е голем резултат за нас. Загубивме неколку натпревари во Премиер-лигата, тимот не е во најдобра форма, но сакаме да се бориме во ЛШ – изјави Салах за интернет-страницата на УЕФА, кој го постигна 25-от гол сезонава во сите натпреварувања, најмногу од сите премиерлигашки играчи.
Под водство на Јирген Клоп, на 44 меча во ЛШ, Ливерпул постигна 100 гола и триумфира на 12 од 13-те европски нокаут-дуели (вклучувајќи ги и квалификациите). Единствениот кикс се случи лани, во осминафиналето и елиминацијата од Атлетико.
Барселона одигра нерешено во реваншот на гости кај ПСЖ, 1-1, и по поразот на првиот меч дома со 1-4, се прости од ЛШ, во најраната фаза по 14 години.
Тогаш, во осминафиналето во сезоната 2006/2007, кога Лионел Меси имаше 19 години, петкратниот европски шампион беше елиминиран од Ливерпул (1-2, 1-0). ПСЖ постигнува најмалку еден гол на 23 меча по ред на домашен терен во ЛШ. На претходните осум дуели помеѓу ПСЖ и Барселона во ЛШ беа постигнати 33 погодоци или 4,1 по натпревар. Првпат по сезоната 2004/2005, во четврт-финалето на ЛШ, ќе ги нема и Меси и Кристијано Роналдо, по елиминацијата на Јувентус, од Порто. На Меси летово му истекува договорот, но тренерот Роналд Куман се надева дека тој ќе остане во Барселона.
Мбапе собори рекорд на Меси
Килијан Мбапе, кој го постигна единствениот гол за ПСЖ на дуелот со Барселона (1-1) во реваншот од осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), вкупно четири на двата меча, стана најмладиот играч, на возраст од 22 години и 80 дена, со 25 погодоци во ЛШ и го собори рекордот на Лионел Меси (22 години 286 дена). Мбапе е и првиот што постигнал четири гола против Барселона во една сезона во ЛШ. Меси, пак, го постигна 120-от гол на 149-от меч во ЛШ, но и четврти пат не реализира пенал во ЛШ, првпат по февруари 2015 година и мечот со Манчестер сити (одбрани Џо Харт).