Идниот европски првак ќе може да заработи најмногу 82,75 милиони евра, а клубот што ќе слави во ЛЕ, ако го почнал натпреварувањето во тој куп, ќе може да заработи најмногу 21,34 милион евра
Клубовите што сезонава ќе се натпреваруваат во Лигата на шампионите (ЛШ), во Лига Европа (ЛЕ) и во Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА) одново ќе поделат 3,25 милијарди евра. Таа сума е идентична на онаа што ја добија и минатата сезона, објави УЕФА, додавајќи оти 523 милиони евра ќе бидат наменети за организациско-административни трошоци (295 милиони) и за солидарни плаќања (227,5 милиони евра).
Од нето-добивката 93,5 отсто или 2,73 милијарди евра, ќе бидат дистрибуирани до клубовите што учествуваат во еврокуповите, а преостанатите 6,5 отсто остануваат во касата на УЕФА и ќе бидат резервирани за развој на фудбалот. Тимовите што ќе се натпреваруваат во ЛШ ќе заработат најмногу пари, 2,04 милијарди евра, кои ќе бидат распределени во четири категории.
Секој од 32-та клуба што ќе се квалификуваат за групната фаза ќе добие по 15,25 милиони евра. За победа во групната фаза ќе се добиваат 2,75 милиони евра, а за реми по 900.000 евра. За пласман во нокаут-фазата, меѓу 16-те најдобри, клубовите ќе добијат дополнителни 9,5 милиони евра, за пласман во четврт-финалето по 10,5, за полуфиналето 12, а за финалето по 15 милиони евра. Новиот првак на Европа ќе добие уште четири милиони евра. Така, идниот првак, ако прво победи во сите шест меча од групната фаза, ќе може да заработи најмногу 82,75 милиони евра.
Клубовите (шест) што ќе бидат елиминирани во плејофот за пласман во ЛШ добиваат по пет милиони евра. Победниците во плејоф-дуелите нема да добијат пари, но тоа ќе се компензира со учеството во групната фаза, која вреди барем 15,25 милиони евра. Клубовите, исто така, ќе поделат дополнителни 292 милиони евра од маркетиншките зделки, а сумите ќе се одредуваат во согласност со вредноста на секој национален телевизиски пазар.
Клубовите што ќе се натпреваруваат во ЛЕ следната сезона ќе поделат 560 милиони евра. Секој од 48-те тима во групната фаза може да очекува по 2,92 милиони евра. Бонусите за резултатите во групна фаза се 570.000 евра за победа и 190.000 евра за реми. Победниците во групите ќе добијат бонус од по еден милион евра, а второпласираните по 500.000 евра. Пласманот меѓу 32-те екипи во нокаут-фазата вреди 500.000 евра, во осминафиналето 1,1, во четврт-финалето 1,5, во полуфиналето 2,4 и за финалето 4,5 милиони евра. Освојувачот на ЛЕ ќе добие уште четири милиони евра. Победникот може да заработи најмногу 21,34 милион евра, секако, ако почнал од групната фаза и во неа победил на сите шест меча.
Солидарните плаќања се однесуваат на квалификациската фаза од натпреварите. Според новиот систем за дистрибуција, исплатите за клубовите што учествуваат во квалификациите за ЛШ и ЛЕ ќе бидат еднакви, односно по три отсто од вкупниот бруто-приход, плус дополнителни 10 милиони евра од ЛШ, или 107,5 милиони евра. Првакот што нема да се квалификува во групната фаза на ЛШ или на ЛЕ, ќе добие 260.000 евра, плус парите за учеството во секоја квалификациска рунда. Триумф во прелиминарната рунда вреди 230.000 евра, во првото квалификациско коло 280.000, во второто 380.000, во третото 480.000 евра, но само за клубовите што се елиминирани од т.н. „шампионски пат“. Екипите што ќе испаднат од т.н. „лигашки пат“ не добиваат пари за елиминацијата, оти се префрлаат директно во групната фаза на ЛЕ и потоа добиваат пари за тоа натпреварување. Исто така, не се исплаќаат солидарни пари за плејофот, бидејќи вклучените клубови ќе имаат корист од централната дистрибуција за ЛШ и за ЛЕ.