На полуфиналистите на нациите им е гарантирано играње во групи со по пет репрезентации, за да имаат слободни термини во јуни за мечевите од финалниот турнир на Лигата на нациите
Фудбалската репрезентација на Македонија е во петтиот барабан за ждрепката за квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2020 година. Црвено-жолтите можеа да бидат во четвртиот барабан ако беа првопласирани во лига Д од Лигата на нациите, но во вкупниот пласман за лигата тие го освоија второто место, зад Грузија, која скокна во четвртиот барабан.
Ждрепката за квалификациите треба да биде влечена на 2 декември. Според составите на барабаните, Македонија може да биде извлечена и во една, на пример, соседска група, во која би биле Хрватска (од првиот барабан), БиХ (од вториот), Србија или Бугарија (од третиот), Грција, Албанија или Црна Гора (од четвртиот). Како полесна група би се издвоила, на пример, една во состав Полска, Чешка, С. Ирска и Литванија, а веројатно од потешките би била, на пример, со Франција, Германија, Турција и со Романија итн.
Со полуфиналистите на Лигата на нациите, Швајцарија, Португалија, Холандија, Англија, е составен т.н. барабан на Лигата на нациите, а потоа следуваат барабани од еден до шест.
Според пропозициите за ждрепката, овие четири полуфиналисти ќе бидат распределени во групите А, Б, Ц и Д, а селекциите од првиот барабан, Белгија, Франција, Шпанија, Италија, Хрватска, Полска, во другите шест групи. На полуфиналистите им е гарантирано играње во групи со по пет репрезентации, за да имаат слободни термини во јуни за мечевите од финалниот турнир на Лигата на нациите.
На ЕП 2020 ќе играат вкупно 24 селекции. Најдобрите две репрезентации од секоја од десетте квалификациски групи ќе се пласираат на ЕП. Преостанатите четири места ќе ги добијат победниците на четирите плејофа од Лигата на нациите.
БАРАБАНИ ЗА ЖДРЕПКАТА ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2020
Барабан од ЛН: Швајцарија, Португалија, Холандија, Англија
Барабан 1: Белгија, Франција, Шпанија, Италија, Хрватска, Полска491
Барабан 2: Германија, Исланд, БиХ, Украина, Данска, Шведска, Русија, Австрија, Велс, Чешка
Барабан 3: Словачка, Турција, Р. Ирска, С. Ирска, Шкотска, Норвешка, Србија, Финска, Бугарија, Израел
Барабан 4: Унгарија, Романија, Грција, Албанија, Црна Гора, Кипар, Естонија, Словенија, Литванија, Грузија
Барабан 5: Македонија, Косово, Белорусија, Луксембург, Ерменија, Азербејџан, Казахстан, Молдавија, Гибралтар, Фарски Острови
Барабан 6: Летонија, Лихтенштајн, Андора, Малта, Сан Марино