Во третиот квалификациски натпревар за ЕП 2020 утре (20.45 ч.) Македонија ја пречекува Полска, со серија од шест победи во низа дома (пет официјални, еден пријателски меч). Селекторот Ангеловски ги има на располагање сите фудбалери, вклучувајќи ги и повредените, кои тренираат со максимален интензитет и ќе бидат во комбинација за утрешниот дуел

Најдобрата македонска фудбалска репрезентација ги продолжува подготовките за квалификациските натпревари, група Г, за Европското првенство (ЕП) 2020 година, против Полска (утре, 20.45 часот) и против Австрија (понеделник, 20.45 ч.) на арената „Тодор Проески“ во Скопје.

Селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски, кој пред неколку дена го продолжи договорот, до декември 2020 година, ги има на располагање сите повикани фудбалери, вклучувајќи ги и Езџан Алиоски, Александар Трајковски, Илија Несторовски и Крсте Велковски, кои имаа проблеми со повредите. Тие тренираат со максимален интензитет и ќе бидат во комбинација за настап на утрешниот натпревар.

– Крај на сезоната е, имаше неколкумина повредени, повеќето се „исцедени“, но ќе бидат подготвени, што покажува за какви фудбалери станува збор. Санирани се повредите, се надевам дека ќе нѐ одминат некои нови и оти ќе бидеме комплетни против Полска, и потоа и против Австрија. Со сета почит кон овие две селекции, но во Скопје паѓале и поголеми репрезентации од нив. Се надевам и дека со поддршката од публиката на трибините уште еднаш ќе ја израдуваме Македонија – вели Ангеловски.

Македонија и Полска досега одиграа три меѓусебни меча, а ефектот е две победи на Полјаците (3-0 и 4-1) и едно реми (1-1), со вкупна гол-разлика 8-2. Сите три меча се одиграни на неутрален терен (Сплит во Хрватска, Анталија во Турција и Ројтлинген во Австрија).

Но она што влева оптимизам во редовите, е податокот дека Македонија забележа победи на претходните шест меча (три од Лигата на нациите, по еден од квалификациите за СП 2018, ЕП 2020 и еден тест-меч) на домашен терен и притоа постигна 19 гола и прими само два (Лихтенштајн 4-0 и 4-1, Норвешка 2-0, Ерменија 2-0, Гибралтар 4-0 и Летонија 3-1).

Од друга страна, Полска, која денеска напладне треба да пристигне во Скопје, ги доби првите два меча во групата, со Австрија, на гости со 1-0, и дома со Летонија, со 2-0 и е водечка во групата со шест бода. Македонија е трета со четири бода, по победите над Летонија дома со 3-1 и ремито со Словенија на гости, 1-1. 


Инфантино: ФИФА сега е синоним за транспарентност и за интегритет

Швајцарецот Џани Инфантино (49) повторно е избран за претседател на Светската фудбалска федерација (ФИФА), до 2023 година, на Конгресот во Париз неделава. Инфантино, кој го наследи Сеп Блатер во 2016 година и кој го зголеми бројот на репрезентации на светските првенства од 32 на 48 од 2026 година, немаше противкандидат. Реизборот на Инфантино беше проследен со аплауз, откако претходно беа изменети и правилата во случај да има еден кандидат да не гласаат членките на ФИФА. Во долгиот говор Инфантино се фокусираше на релативно смирената состојба во периодот на неговиот прв мандат во однос на претходната ситуација.
– Никој повеќе не зборува за кризата во ФИФА или, пак, повторно да почнува од нула. Никој не зборува за скандали или за корупција, ние зборуваме за фудбал. Можеме да кажеме дека ја променивме ситуацијата. Оваа организација од токсична, речиси криминална, стана она што треба да биде, организација која го развива фудбалот и сега е синоним за транспарентност и за интегритет – рекол Инфантино. Л.Д.


Гостите ќе играат со еден напаѓач?

Според некои информации од полските медиуми, Полјаците на утрешниот фудбалски натпревар против Македонија во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година ќе играат со само еден истурен напаѓач, Роберт Левандовски, што значи дека Аркадиуш Милик и Криштоф Пјонтек би можеле да бидат на клупата. Тоа не е баш за верување бидејќи на првите два меча Полјаците играа во формација 4-4-2, што значи дека покрај Левандовски во нападот ќе биде и Пјотр Зјелински. На голот на местото на повредениот Војчех Шчешни ќе биде Лукаш Фабијански. Селекторот на Полска, Јиржи Брзчек, на мечот со Македонија би можел да го изведе овој состав (според полски медиуми): Лукаш Фабијански – Бартош Бережински, Камил Глик (Мукал Паздан), Јан Беднарек, Мациј Рибус – Матеуш Клич, Грегорж Кричовијак – Пржмислав Франковски, Пјотр Зјелински, Камил Гросицки – Роберт Левандовски. Л.Д.

ГРУПА Г
Македонија – Полска утре
Летонија – Израел утре
Австрија – Словенија утре
ТАБЕЛА
Полска 2 2 0 0 3-0 6
Израел 2 1 1 0 5-3 4
Македонија 2 1 1 0 4-2 4
Словенија 2 0 2 0 2-2 2
Австрија 2 0 0 2 2-5 0
Летонија 2 0 0 2 1-5 0