Ливерпул ќе добие рекордни 175 милиони фунти (194,4 милиони евра) за освоената шампионска титула во Премиер-лигата, пари од доходните договори за ТВ-правата за пренос на натпреварите, како и од други комерцијални зделки, објави „Тајмс“.
Сите 20 премиерлигашки клубови се договориле да нема намалување на премиите поради кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19 и отштетата од околу 330 милиони фунти (366,5 милиони евра), што треба да им ја исплатат на ТВ-операторите, да се распредели во следните сезони. Клубовите, исто така, се согласиле за уште една авансна „солидарна“ исплата на клубовите во пониските англиски лиги, по онаа од 125 милиони фунти (138,8 млн. евра) во април.
Минатата сезона беше прва од тригодишниот циклус за ТВ-права, од 2019 до 2022 година, во која формулата за распределба на ТВ-парите се смени во корист на врвните клубови. Првпат дел од странските ТВ-пари ќе бидат распределени според тоа каде е секој клуб на табелата во Премиер-лигата, наместо како досега сите 20 екипи да добијат иста сума пари, пишува „Тајмс“.
Во сезоната 2018/2019, вицепрвакот Ливерпул и шампионот Манчестер сити заработија нешто повеќе од 150 милиони фунти (166,6 млн. евра).
Во меѓувреме, директорите во Премиер-лигата објавија и дека одложената исплата од 160 милиони фунти (177,7 млн. евра) од кинескиот ТВ-оператор и партнер, Санинг, се должи на финансиските проблеми поврзани со ковид-19, а не на политички проблеми на владино ниво. Сунинг, кој ги има и правата за пренос на мечеви од шпанската Ла лига, е еден од најважните прекуокеански ТВ-оператори на Премиер-лигата, откако во 2016 година потпиша договор вреден 700 милиони долари (550 милиони фунти) за ТВ-правата во периодот 2019- 2022 година. Само од тој договор секој клуб во Премиер-лигата по сезона, во просек, добива околу 9,2 милиони фунти (над 10 милиони евра).