„Црвените“ ја прокнижија 22-та победа во низа во Премиер-лигата, подобрувајќи го клупскиот и англиски рекорд според најмногу победи на домашен терен во најквалитетната лига (21), поставен од тимот на Ливерпул во 1972 година
Ливерпул го совлада Борнмут со 2-1 во 29-то коло и ја прокнижи 22-та победа во низа во Премиер-лигата пред своите навивачи на стадионот „Енфилд“, подобрувајќи го клупскиот и англиски рекорд според најмногу победи во низа во најквалитетната лига (21), поставен од тимот на Ливерпул во 1972 година, предводен од легендарниот клупски менаџер Бил Шенкли. Ливерпул не претрпел пораз на последните 55 натпревари во Премиер-лигата на „Енфилд“ (45 победи и 10 ремија). Само Челси помеѓу 2004 и 2008 година имаше подолга таква серија на домашен терен (86 натпревари) во историјата на Премиер-лигата.
– Не размислувавме за тој број пред мечот, но откако се случи, убаво е чувството – рече по мечот менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп.
Ливерпул по 29 меча има 82 бода, дури 25 повеќе од второпласираниот Манчестер сити, кој има и два меча помалку (синоќа го играше градското дерби против Манчестер јунајтед). Теоретски, на „црвените“ им се потребни уште девет бода за освојување на титулата, 19-та во клупската историја, а прва по пауза од 30 години.
Доколку Ливерпул продолжи да победува (и најблиските ривали исто така), би можело да биде крунисан за шампион најрано на 5 април против Манчестер Сити на „Етихад“, на шест меча до крајот на првенството.
Шампионската титула во Премиер-лигата најрано ја има освоено Манчестер јунајтед (14 април 2001 година), на пет кола до крајот. Ако продолжи со истото победничко темпо, тимот од „Енфилд“ има шанса да стигне до титулата со рекорден број поени и да го подобри рекордот на Манчестер Сити во 2018 година од 100 поени.
Салах на 100 меча постигна 70 гола
Египќанецот Мохамед Салах на 100-от првенствен натпревар за клубот го постигна 70-от гол, најбрзо во клупската историја, седум повеќе од кој било друг играч на првите 100 меча (Фернандо Торес 63). Само Алан Ширер, настапувајќи за Блекбурн, во 90-тите години од минатиот век има постигнато повеќе голови (79) на првите 100 меча во Премиер-лигата.
Салах е и првиот играч на Ливерпул што постигнал 20 и повеќе гола во сите натпреварувања три последователни сезони по ред, по Мајкл Овен од 2000 до 2003 година. Во сезоната 2017/2018 на 52 меча Салах даде 44 гола, ланската сезона на 52 меча 27 и годинава на 39-те одиграни дуели стигна до бројката од 20 гола.