Шест тима имаат фудбалери што вредат вкупно над една милијарда евра,
пишува ЦИЕС
Актуелниот европски првак Ливерпул ја има највредната екипа на трансфер-пазарот меѓу тимовите во најдобрите пет лиги во Европа (Англија, Франција, Шпанија, Германија и Италија), според истражувањето на Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС) од Швајцарија.
Вкупната вредност на сите фудбалери на Ливерпул изнесува 1,4 милијарда евра. Тие се на врвот, пред колегите од Премиер-лигата, Манчестер сити, кои се проценети на 1,26 милијарда евра. На третата и на четвртата позиција се двата шпански гиганта, Барселона (1,17) и Реал (1,1 милијарда евра). Од петтото до 10-то место се Челси, Манчестер јунајтед, ПСЖ, Атлетико, Тотенхем и Јувентус.
Шест тима имаат фудбалери што вредат над една милијарда евра. Меѓу првите 10 нема ниту еден германски тим. Ливерпул е на лидерската позиција во Премиер-лигата и потребни му се уште шест бода од преостанатите девет натпревари за да ја освои 19-та титула, прва по 30 години. Лани Ливерпул триумфира во Лигата на шампионите (ЛШ), потоа во Суперкупот на УЕФА и на клупското Светско првенство во Катар.
Челси, предводен од Френк Лампард, е на петтото место според вредноста на фудбалерите (една милијарда евра), а ова од ЦИЕС го објаснуваат со „големиот број млади фудбалери што го покажаа својот голем талент по трансфер-забраната од ФИФА“.