Признанието ќе биде доделено на 3 декември во Париз, а италијанските „Тутоспорт“ и „Кориере дела сера“ како прв фаворит го споменуваат Модриќ
Медиумите во Италија и во Франција на големо шпекулираат дека Лука Модриќ и Рафаел Варан, двајцата фудбалери на Реал Мадрид, како и Килијан Мбапе од ПСЖ, се преостанатите тројца фудбалери на листата за 53-та „Златна топка“ (првпат беше доделена во 1956-та) на „Франс фудбал“, наменета за најдобриот фудбалер на светот за 2018 година. По малку изненадувачки, на таа скратена „шпекулативна“ листа не фигурира Антоан Гризман, напаѓачот на Атлетико, еден од најдобрите во францускиот состав на СП.
Признанието ќе биде доделено на 3 декември во Париз, а италијанските „Тутоспорт“ и „Кориере дела сера“ како прв фаворит го споменуваат Модриќ, кој ја доби наградата за фудбалер на годината во изборот на ФИФА, откако со Хрватска стигна до финалето на Светското првенство (СП) во Русија и загуби од Франција. Но без шанси не се ниту двајцата француски фудбалери што ја освоија титулата светски првак во Русија. Досега само тројца француски фудбалери биле добитници на таа награда. Зинедин Зидан победи во 1998 година, кога „триколорите“ првпат станаа светски шампиони. Претходно признанието го добиваа Мишел Платини, двапати, и Жан-Пјер Папен.
На шпекулациите се надоврза и француски „Л’екип“, кој објави видео за церемонијата, во кое првите тројца фудбалери што се појавуваат се Мбапе, Варан и Модриќ, а по нив другите. Ако може да им се верува на тие најави, тоа значи дека Кристијано Роналдо и Лионел Меси првпат по 10 години ќе ги нема во потесната конкуренција. Еден новинар за француското радио уште пред две недели тврдеше дека, иако само половина од гласовите биле пребројани во тој момент, Модриќ бил на првата позиција, Варан на втората, а Мбапе на третата. Деновиве во некои медиуми се појавија шпекулации дека тим на „Франс фудбал“ следната недела ќе патува за Мадрид за да направи фотосесија за насловната страница со добитникот на признанието, што алудира дека тоа ќе биде Модриќ, Варан, можеби и Гризман.
Доколку се случи еден од нив, Модриќ, Варан, Мбапе или Гризман, да го добие признанието, тоа ќе биде прв случај, по Бразилецот Кака во 2007 година, наградата да не ја добие Роналдо или Меси.