УЕФА е посветена на одржување на Европското првенство (ЕП) во 12-те првично планирани градови. ЕП е најважно натпреварување за националните тимови и е витален извор на финансирање за вкупниот развој на фудбалот. Јас сум оптимист дека работите во однос на вирусот веројатно ќе бидат многу поинакви во периодот пред почетокот на турнирот, изјави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин

ФУДБАЛ

Европската фудбалска унија (УЕФА) ја потврди својата заложба одложеното Европско првенство (ЕП) од 2020 година за летово да се одржи како што е планирано, во 12 града на континентот.
– УЕФА е посветена на одржување на ЕП 2020 во 12-те првично планирани градови. ЕП е најважно натпреварување за националните тимови и е витален извор на финансирање за вкупниот развој на фудбалот – изјави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.
Натпреварите на ЕП 2020 треба да се играат во Лондон, Глазгов, Даблин, Амстердам, Копенхаген, Санкт Петербург, Билбао, Минхен, Будимпешта, Баку, Рим и во Букурешт. Одлуката за тоа дали ќе им биде дозволено на гледачите да присуствуваат на натпреварите е одложена до април. Македонската фудбалска репрезентација е во групата Ц, во која на 13 јуни треба да се сретне со Австрија и на 17 јуни со Украина во Букурешт, а потоа и со Холандија во Амстердам, на 21 јуни.
ЕП, кое треба да почне на 11 јуни во Рим, со финале на 11 јули на стадионот „Вембли“ во Лондон, беше одложено во март минатата година, кога се појави пандемијата. Имаше шпекулации дека финалниот турнир годинава би можел да се организира во една земја за да се намалат патувањата доколку уште важат ограничувања, но по состанокот со националните асоцијации-домаќини, УЕФА рече дека „сите страни ја разбираат потребата за флексибилност во врска со одлуките што треба да се донесат за организацијата на турнирот“.

Од земјите-домаќини беше побарано до 5 март да достават планови за повеќе различни сценарија за прифаќање гледачи, но УЕФА потврди дека „крајниот рок е поместен за почетокот на април“.
– Јас сум оптимист дека работите во однос на вирусот веројатно ќе бидат многу поинакви во периодот пред почетокот на турнирот. Важно е да им дадеме што повеќе време на градовите-домаќини и на владите на тие земји за да имаат јасна слика за тоа што може да се случува во јуни и во јули. Гледачите се голем и важен дел од она што го прави фудбалот посебен. Мора да направиме максимални напори за да овозможиме нивно враќање на стадионите – вели Чеферин.


Четири опции за публиката – од нула до 100 отсто

Четири опции се на маса во врска со присуството на гледачи на Европското првенство (ЕП), во период кога низ Европа првенствените натпревари се играат зад затворени врати поради пандемијата на ковид-19.
– Во моментов работиме на четири оперативни сценарија за ЕП. Првото се полни стадиони, потоа исполнетост од 50 до 100 отсто со различни превентивни мерки, исполнетост од 20 до 30 отсто и без публика – изјави портпаролот на УЕФА минатата недела.