Клучната одбрана на Армани по ударот на Игало

Дефанзивецот Маркос Рохо го постигна голот за пласман на Аргентина во осминафиналето на Светското првенство (СП), во победата над Нигерија од 2-1, но уште еден член на „гаучосите“ заслужува признание за добриот резултат на неговата фудбалска селекција. 

Голманот Франко Армани, исто така, имаше значаен удел во триумфот, со клучна одбрана при резултат 1-1, сопирајќи го ударот на Нигериецот Одион Игало во завршницата од мечот, на кој дебитираше за Аргентина на 31-годишна возраст. Лионел Меси ја доведе Аргентина во водство во 14-та минута за Виктор Мозес да изедначи од пенал во 51-та минута, по што Рохо го постави конечниот резултат во 86-та минута. 

Армани стигна до дресот на двократниот светски првак по „спореден пат“. Тој бранеше осум години за колумбискиот Атлетико Насионал, по што потпиша за аргентинска Ривер Плата во јануари. Искусниот чувар на мрежата се најде во составот за Мундијалот по притисокот на аргентинските медиуми врз селекторот Хорхе Сампаоли, со што се очекуваше да биде трет избор зад Вили Кабалјеро (Челси) и Нахуел Гузман (Тигрес). Армани доби прилика по слабото издание на Кабалјеро во поразот од Хрватска (0-3), и во потполност ја искористи.

 

Армани има и колумбиско државјанство, и за него постоеше интерес од колумбиската репрезентација, но Аргентинецот, сепак, одлучи да брани за неговата родна земја.

Тој е вкупно 17-ти голман што бранеше за Аргентина на мундијалите, што е рекорд за една репрезентација на СП, а веројатно заслужи да остане меѓу стативите и во осминафиналето против Франција, в сабота.

Аргентина заврши на второто место во групата Д зад Хрватска, која го совлада Исланд со 2-1, за максимален ефект од три победи во воведната фаза на СП. Хрватите ќе играат против Данска во осминафиналето.