ФУДБАЛ – ЕВРОПСКИ КУПОВИ

Англија сезонава, како и во 2019 година, има вкупно четири полуфиналисти, што е половина од сите екипи што останаа во трка за двата трофеја во куповите на Европската фудбалска унија (УЕФА), Лигата на шампионите (ЛШ) и Лига Европа (ЛЕ). Во полуфиналето на ЛШ се Манчестер сити и Челси, а меѓу четирите најдобри екипи сезонава во ЛЕ се Манчестер јунајтед и Арсенал. Во полуфиналињата има и две екипи од Шпанија (Реал Мадрид во ЛШ и Вилјареал во ЛЕ) и по една од Франција (ПСЖ во ЛШ) и од Италија (Рома во ЛЕ).
Во претходниве 10 години Англија во една сезона немаше полуфиналист, шест пати имаше по еден, а двапати по два. Така, на пример, во минатата и во сезоните 2012/2013, 2014/2015 и 2016/2017 во полуфиналето на ЛШ немаше англиски тимови, по еден имаше во сезоните 2010/2011 (Манчестер јунајтед), 2011/2012 (Челси, подоцна стана првак), 2013/2014 (Челси), 2015/2016 (Манчестер сити) и 2017/2018 (Ливерпул), а во 2018/2019 имаше два (Ливерпул и Тотенхем, кои подоцна играа и во финалето, во кое победи Ливерпул).
Во ЛЕ, пак, ниту еден англиски тим не беше полуфиналист во сезоните 2010/2011, 2011/2012, 2013/2014 и 2014/2015, по еден имаше во сезоните 2012/2013 (Челси, кој подоцна победи), 2015/2016 (Ливерпул), 2016/2017 (Манчестер јунајтед, подоцна го освои пехарот), 2017/2018 (Арсенал) и 2019/2020 (Манчестер јунајтед) и два во 2018/2019 (Челси и Арсенал, кои играа и во финалето).