Серијата почна на СП 2002 и оттогаш актуелните светски прваци од Европа на следното СП беа елиминирани веќе во групната фаза (Франција, Италија, Шпанија и Германија). Само две репрезентации како актуелни прваци ја освоиле титулата и на следното СП
Претходните четири светски фудбалски прваци од Европа не ја поминаа групната фаза на следното Светско првенство (СП) и тоа е серијата што се протега уште од 1998 година, пишува британскиот „Скај спорт“. Франција ја освои круната пред четири години на СП во Русија, но нивната форма оттогаш е мешана, елиминација во осминафиналето на Европското првенство и триумф во Лигата на нациите.
Избраниците на селекторот Дидие Дешам во првото коло на тековното Светско првенство ја победија Австралија со 4-1, во меч од групата Д, во која по првото коло Франција има три бода, Данска и Тунис по еден бод, а Австралија е без бодови.
Франција, која настапува без стандардните плејмејкери Пол Погба и Н’Голо Канте, потоа без уште еден победник од СП 2018, дефанзивецот Преснел Кимпембе, како и без напаѓачите Кристофер Нкунку и добитникот на „златната топка“ во 2022 година, Карим Бензема, а од првото коло и без Лукас Хернандез, ќе игра и за да ја прекине низата на четири репрезентации од Европа што по освојување на светската титула на следниот шампионат беа елиминирани во групната фаза.
Тоа е серија што почна токму со репрезентацијата на Франција, која откако славеше на СП 1998 на домашен терен, од следниот Мундијал, во 2002 година, замина по трите меча во групната фаза, без постигнат гол. По поразот од дебитантот Сенегал со 0-1, селекторот Роже Лемер рече „Франција ќе оди во вториот круг“, но потоа следуваа реми 0-0 со Уругвај и пораз од Данска со 0-2. Тоа беше првпат актуелен првак да биде елиминиран во првата фаза, по Бразил во 1966 година, пишува „Скај спорт“.
Четири години подоцна Италија стана шампион, на Светското првенство во Германија. Потоа, на Мундијалот во 2010 година во Јужна Африка, „азурите“ беа последни во својата група, по нерешените средби 1-1 со Парагвај и со Нов Зеланд и поразот од мундијалскиот дебитант Словачка, со 2-3. Тоа беше првпат Италија да не победи на натпревар на едно светско првенство, пишува „Скај спорт“.
На тој Мундијал првата светска титула ја освои Шпанија, откако претходно стана и европски првак, а две години по СП 2010 и ја одбрани континенталната круна. Но империјата се сруши во Бразил, пишува „Скај спорт“. Шпанија ја победи Холандија во финалето на Светското првенство во 2010 година, но Холанѓаните се реваншираа во голем стил со победата со 5-1 во првото коло на планетарниот фудбалски собир во 2014 година. Шпанија потоа загуби со 0-2 од Чиле, што ја исфрли од Мундијалот во 2014-та, иако потоа ја победи Австралија со 3-0.
– Да ми кажеа пред да пристигнеме во Бразил дека ќе бидеме во ваква ситуација, со оглед на тоа како тренираа играчите и колку беа фокусирани, ќе мислев дека тоа е невозможно – изјави селекторот Висенте дел Боске.
Германија беше крунисана за светски шампион четврти пат токму на првенството во Бразил, но фудбалерите на селекторот Јоаким Лев беа поинаков тим четири години подоцна. Германија, која го освои последното место во својата група на СП 2018, прво загуби од Мексико со 0-1, ја победи Шведска со 2-1 со гол во судиското дополнување на средбата, и загуби од Јужна Кореја со 0-2. Никогаш претходно Германија не била елиминирана од првата групна фаза на едно СП.
– Целиот германски фудбал загуби не само натпревар туку и сѐ што изградивме во претходните неколку години. Се извинуваме – рече Лев, пренесува „Скај спорт“.
Само две репрезентации како актуелни прваци ја освоиле титулата и на следното светско првенство, и тоа Италија по триумфот во 1934 година победи и во 1938 година и Бразил по освоената титула во 1958 година го одбрани трофејот во 1962 година. Финалисти, пак, биле Аргентина, на СП 1990 (првак во 1986-та) и Бразил, на СП 1998 (шампион на СП 1994). Уругвај е единствената селекција што по освојување на титулата не ја бранела на следниот шампионат (победи во 1930 година, не настапи на СП во 1934-та), а во првата групна фаза досега биле елиминирани Италија (1950 и 2010), Бразил (1966), Франција (2002), Шпанија (2014) и Германија (2018).
ЕФЕКТ НА АКТУЕЛНИ СВЕТСКИ ПРВАЦИ НА СЛЕДНОТО СП
СП РЕПРЕЗ. ЕФЕКТ
1938 Италија титула
1962 Бразил титула
1990 Аргентина финале
1998 Бразил финале
1954 Уругвај 4. место
1958 Германија 4. место
1974 Бразил 4. место
1970 Англија четврт-финале
1994 Германија четврт-финале
2006 Бразил четврт-финале
1978 Германија втора групна фаза
1982 Аргентина втора групна фаза
1986 Италија осминафинале
1950 Италија групна фаза
1966 Бразил групна фаза
2002 Франција групна фаза
2010 Италија групна фаза
2014 Шпанија групна фаза
2018 Германија групна фаза
1934 Уругвај не настапи
СП 2022, ПРВО КОЛО
Катар – Еквадор 0-2
Сенегал – Холандија 0-2
Англија – Иран 6-2
САД – Велс 1-1
Аргентина – С. Арабија 1-2
Мексико – Полска 0-0
Данска – Тунис 0-0
Франција – Австралија 4-1
Мароко – Хрватска 0-0
Белгија – Канада синоќа
Германија – Јапонија синоќа
Шпанија – Костарика синоќа
ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА
Швајцарија – Камерун 11 ч.
Уругвај – Јужна Кореја 14 ч.
Португалија – Гана 17 ч.
Бразил – Србија 20 ч.