Воведувањето на безбедното стоење на натпреварите сезонава помогна бројката на гледачи да се зголеми, па, на пример, Баерн забележа рекордна клупска посетеност од 75.000 луѓе на дуел во европска конкуренција. Вкупно, мечевите во првите две кола во ЛШ ги следеле околу 1,5 милион гледачи, што е исклучително висок просек, од над 45.700 по натпревар
УЕФА
Натпреварите во првите две кола во трите европски клупски фудбалски натпреварувања, во Лигата на шампионите (ЛШ), во Лига Европа (ЛЕ) и во Лигата на конференции (ЛК), ги гледале околу 2,5 милиони гледачи, од кои речиси 1,5 милион на 32-та меча во ЛШ, објави Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Во првата „полна“ сезона по ограничувањата што ги предизвика пандемијата на ковид-19 од почетокот на 2020 година, навивачите на сите тимови ги исполнија трибините до последното место, во што предничеа тие на двата германски клуба, Борусија Дортмунд и Баерн.
Натпреварот од првото коло Борусија Дортмунд – Копенхаген (3-0) го гледале 71.000 навивачи на стадионот „Вестфален“, на кој вообичаено бројката е околу 66.000. Но воведувањето на безбедното стоење на натпреварите на УЕФА сезонава помогна таа бројка да се зголеми и „жолтиот ѕид“ на кој се најбучните навивачи да биде уште поимпресивен.
Во второто коло, на ред беше Баерн, кој ја совлада Барселона (2-0), за која настапува неговиот поранешен прв стрелец Роберт Левандовски. На тој меч Баварците забележаа рекордна клупска посетеност од 75.000 луѓе кога станува збор за натпревар во европска конкуренција, повторно благодарение на дополнителниот простор за стоење.
Вкупно, на 32-та натпревари во првите две кола во ЛШ имало нешто помалку од 1,5 милион гледачи, што е исклучително висок просек од над 45.700 по натпревар. Тоа е зголемување за повеќе од 60 отсто во споредба со првите мечеви во сезоната 2021/2022 (нешто повеќе од 900.000 гледачи).
Бројките за посетеност сезонава на мечевите во ЛЕ и во ЛК, во четвртоците, исто така беа импресивни. На натпреварот Манчестер јунајтед – Реал сосиедад (0-1), на стадионот „Олд трафорд“, имало над 74.000 гледачи што помогнаа вкупната бројка на гледачи во ЛЕ да биде околу 700.000 (во просек нешто повеќе од 22.500 по натпревар, но Арсенал допрва треба да игра дома). На дуелите во ЛК имаше близу 375.000 гледачи.
Клучната порака што ја испраќа УЕФА е дека европскиот клупски фудбал се враќа во полн сјај по пандемијата. По паузата поради репрезентативните натпревари во Лигата на нации, ќе продолжат мечевите во групната фаза во трите натпреварувања, кои треба да завршат до почетокот на ноември, по што ќе бидат познати тимовите што напролет ќе играат за трофеите. Л.Д.