Македонскиот женски одбојкарски првак Јанта Волеј Кисела Вода ја заврши европската приказна во дебитантската сезона со настап во 1/16 финалето од ЦЕВ купот, откако во реванш дуелот со хрватски Младост Загреб загуби со 3:0 (25:11, 25:16, 25:22) на гостински терен.
Најсилен отпор нашиот претставник понуди во третиот сет, кој комплетно го одигра рамноправно, се до 21:21, додека домаќинот остана смирен во клучните моменти и со серија од 4-1 стигна до максимална победа.
Јасмин Ледесма со седум поени беше најефикасна, додека Бојана Мароевиќ и Татјана Јаневиќ постигнаа по пет.
Премиерата во европските клупски купови Јанта Волеј КВ ја обележа со две историски победи од 3:2 над Гацко од БИХ со кои ја мина првата квалификациска рунда од Лигата на шампионите, но во втората се соочи со силниот француски состав Волеро ле Кане, кои им застанаа на патот кон групната фаза.
По елиминацијата од ЛШ, Јанта Волеј КВ продолжи со настап во ЦЕВ купот, каде во 1/16 финалето во двомечот со хрватски Младост Загреб двата натпревари ги загуби со 3:0.





































