Ѓорѓи Грчев

Грчев ја почна кариерата во поранешна Чехословачка, а ја продолжи во Вардар, подоцна Макотекс. Незаборавни мигови на југословенските лизгалишта

Малкумина знаат дека пред 30 и повеќе години Скопје имаше еден од најсилните хокеарски клубови во поранешната држава. Благодарение на група ентузијасти, предводени од првиот хокеарски тренер во нашата држава Трајко Трпчевски, во 1959 година беше формиран хокеарскиот клуб Скопје. Првите тренинзи и натпревари од егзибициски карактер беа одиграни на замрзнатото езерце во Градскиот парк во Скопје, а откако беше поставена потребната инсталација, хокејот почна да се игра во СЦ „Кале“. Интересно е дека Трпчевски ги водеше хокеарите, особено во зимскиот период, и на Мавровско Езеро, па и таму често на замрзнатото езеро се „лизгаше“ хокеарската плочка.
Кон средината од 1960-тите години, кога во татковината се вратија многу семејства од Егејскиот крај што за време граѓанската војна во Грција беа раселени низ Европа, а во кои имаше дури и професионални играчи, нивото на хокејот се крена и почна да се игра поквалитетно. Во таа група хокеари дојдени од Чехословачка беa и браќата Васко, Блаже и Ѓорги Грчеви. Првите двајца дојдоа нешто порано, а третиот и најмлад брат во семејството Грчеви, Ѓорги, дојде малку подоцна. Но, што е интересно, тој се задржа и најдолго во екипата на Вардар, во која, практично, беше алфа и омега и се сѐ вртеше околу него.

ОД ТРИ И ПОЛ ГОДИНИ НА ЛИЗГАЛКИ

Браќата Грчеви живееја со своите родители во Храдец Кралове, град со близу 100 илјади жители, но град познат по својата квалитетна хокеарска екипа што се натпреваруваше во Првата екстра-лига на Чехословачка, сега Чешка. Во една таква средина, во која хокејот имаше водечко место во спортското живеење, нормално беше децата, што беше случај и со браќата Грчеви, најмногу да се загреат за овој спорт.
– Јас уште од три и пол години бев на лизгалки, а две години подоцна и настапував за најмладата категорија хокеари на Храдец Кралове во лига-натпреварите. Потоа, нормално, поминав во повозрасните категории, за да стигнам до младинската екипа и да конкурирам за влез во првиот тим – вели Ѓорги.

Во втората половина од 60-тите години од минатиот век, постарите браќа Васко и Блаже, по иницијатива на Матицата на иселеници, веќе беа дојдени во Скопје и настапуваа за Вардар. Тоа беше еден период кога хокејот беше многу популарен, а таа популарност ја стекна најмногу поради организацијата на Светското првенство, група Ц, што се одржуваше на лизгалиштето во СЦ „Кале“. На ова првенство, да се потсетиме, учествуваа репрезентациите на Холандија, Швајцарија, Данска, Јапонија, Унгарија и на Бугарија. Тоа беше вистински спектакл, а странските новинари тогаш не испуштија во своите извештаи да истакнат дека шампионатот на светот, група Ц, се игра на најјужното хокеарско игралиште во Европа.

– Организацијата на првенствoтo како да ги зголеми и апетитите на хокеарските работници, меѓу кои водечко место имаа Малкиќ, Чупевски, Атанасоски, Плачков и Трпчевски, за формирање една силна екипа. Тогаш се одигра и еден натпревар помеѓу тимот на Храдец Кралове и екипата составена од македонски хокеари. Тоа беше шанса за тренерот Трпчевски на дело да ги види сите играчи и да направи една селекција. Меѓу селектираните на прво место се најде и моето име, па, така, во јануари 1972 година, кога имав неполни 16 години, дојдов во Македонија и заиграв за Вардар – се сеќава на тоа време Ѓорги Грчев.

ДЕБИ ПРОТИВ ЦРВЕНА ЗВЕЗДА

Вардар тогаш се натпреваруваше во Меѓурепубличката лига, во која настапуваа и белградските екипи Црвена звезда и Партизан, потоа Војводина од Нови Сад и Спартак од Суботица.

– Во лигата ги немаше словенечките и хрватските екипи (Медвешчак) кои беа поквалитетни и ја сочинуваа Првата југословенска лига. Дури потоа почнавме да им конкурираме на најсилните, па, така, десетина години подоцна стигнавме и до Првата лига. Што се однесува до мене, откако дојдов во Скопје, моето деби беше против Црвена звезда. Бев најмлад во екипата, во која настапуваа и моите браќа, потоа Трпчевски, Головски, Аиновски, Станишевски. Загубивме со 4-5 во една возбудлива игра. Резултатот зборуваше дека располагаме со квалитет, па, така, противниците почнаа да нѐ респектираат и да стравуваат од нас. Истовремено, кај нив како да се јави еден отпор кон нас. Тоа најубаво се виде веќе на следното гостување во Белград, на мечот со Партизан. Белграѓаните не можеа да се помират со тоа дека успешно им парираме и не избираа средства да нѐ победат. Беа многу груби, а судиите го толерираа сето тоа – се сеќава на тој меч Грчев.

Интересирањето за хокејот во Скопје порасна, па екипата подоцна се надградуваше со нови, квалитетни играчи, какви што беа Атанасовски, Страдал, Данев, Даскалов, Никодиновски, Ковачевски, Чупевски и Лековски. Тоа беше тим што можеше да им се спротивстави дури и на прволигашите. Кон крајот на 1970-тите години, на пример, една Војводина беше совладана со 21-0. Тоа беше многу интересен период за хокејот, во кој дојде и до фузионирање на Вардар и Скопје, кои се здружија и настапуваа под името на познатата и финансиски моќна трговска организација Макотекс. Првата шанса за влез во најквалитетна лига беше испуштена во 1978 година, кога во Скопје беше поуспешен Спартак од Суботица и победи со 2-1. Овој натпревар ќе се памети по тоа што се одигра пред повеќе од четири и пол илјади гледачи на лизгалиштето во Кале.
Инаку, интересно е да се спомене дека четири години порано младинската екипа на Вардар, уште пред фузијата со Скопје, во 1974 година, ги покажа својата сила и квалитет со освојувањето на второто место во Југославија. Во двете финални средби со Крањска Гора, која практично доаѓаше од едно подрачје каде што хокејот беше на високо ниво, скопјани беа поразени со 2-4 на гости и со 4-6 во Скопје, во еден крајно драматичен натпревар. Второто место во државата беше и најголем успех за генерацијата, во која главен носител на играта беше Ѓорги Грчев.

– Овој резултат за нас беше голем стимул, па од тие моменти почнавме да размислуваме за влез во Првата лига. Откако во првите квалификации не успеавме, на следните, во 1980 година, требаше да ја пробаме среќата со Војводина во Скопје. Бевме многу мотивирани, горевме од желба да успееме и да ги израдуваме нашите симпатизери. Во една игра за паметење ги победивме новосаѓаните со 3-2, но, за жал, поради некои неправилни регистрации на играчите, бевме дисквалификувани и не влеговме во елитното друштво. Конечно, во 1984 година, откако во квалификациите во Белград во двете средби го совладавме Спартак со 4-1 и 5-2, се пласираме во Првата лига – се сеќава Ѓорги Грчев.

Тука се натпреварувавме три години, а за да успееме во тоа многу ни помогнаа и трите засилувања од Чехословачка.

НАСТАПИ И ЗА СОЛУНСКИ ИРАКЛИС

Ѓорги Грчев доби репутација на извонреден хокеар и беше интересен за многу клубови од нашето опкружување. Сепак, иако имаше понуди од Словенија и од Србија да настапува за тамошните прволигаши, тој го избра солунски Ираклис.

– Мојот избор во 1989 година беше Ираклис, од проста причина што Солун ми беше блиску и немав проблем да патувам на натпреварите. Но поднебјето, сепак, си го прави своето, па, и покрај големата желба, Грците не успеаја да го издигнат хокејот на едно повисоко ниво.

Грчев потоа често одеше во Чешка и настапуваше за матичната екипа од Храдец Кралове, која се натпреваруваше во пониските лиги, а настапи и за македонската репрезентација во хокеј на ролери во мечевите пред пет-шест години против Бугарија и против Турција.

Неговата натпреварувачка кариера како хокеар е завршена од поодамна, но тој и понатаму оди на натпреварите на ветераните, кои се многу популарни и редовно се одржуваат во Србија.

– Таму се среќавам со старите пријатели. Неколку дена се дружиме, играме, се забавуваме и евоцираме спомени од минатото – вели Грчев.

Во моментов Грчев е ангажиран од Хокеарската федерација на Македонија и е тренер-селектор на нашиот национален тим.

– Неодамна учествувавме на меѓународен турнир во Германија, каде што се натпреварувавме во европската дивизија Д. Тука се наоѓаат оние репрезентации што немаат затворени хокеарски игралишта и во конкуренција на пет екипи со пет победи уверливо го освоивме првото место. Ми беше задоволство кога по победите пет пати беше интонирана македонската химна – ни рече на крајот Ѓорги Грчев.

Тоа беше сторијата за нашиот најдобар хокеар на сите времиња. Но приказната не е завршена, сега го очекуваат обврските како селектор на македонскиот национален тим.


Ѓорѓи Грчев
Роден: во 1955 година во Хожице, Чешка
Кариера: Храдец Кралове (Чешка), Вардар подоцна Макотекс, Ираклис (Грција), репрезентација на Македонија
Успеси: влегување во Првата југословенска лига во 1984 година
Тренерска кариера: тренер и селектор на македонската хокеарска репрезентација