Шифрин ја забележа рекордната 15-та победа во сезоната во СK, една повеќе од Швајцарката Шнајдер, 39-та во слалом, една помалку од рекордните 40 на Стенмарк
Американката Микаела Шифрин ја забележа рекордната 15-та победа во сезоната во Светскиот куп (СК) во скијање, со триумфот (седми во слалом) во Спиндлерув Млин (Чешка), на истото место каде што во 2011-та, на 15-годишна возраст дебитира во СК.
Со тоа таа ја надмина Швајцарката Френи Шнајдер, која пред 30 години, во сезоната 1988/1989 забележа 14 победи. Во 53-годишната историја на СК ниту еден скијач или скијачка не забележале 15 победи во една сезона.
Шифрин веќе ги осигури победата во севкупен пласман во СК и големиот „кристален глобус“, трета сезона во низа, како и малиот „кристален глобус“ во слалом, дисциплината во која е неприкосновена шест последователни сезони.
За Шифрин, двократната олимписка шампионка и петкратна светска првенка, ова беше 59-та победа во СК, 39-та во слалом, само една помалку од рекордните 40 на легендарниот Швеѓанец, Ингемар Стенмарк! Повеќе победи во СК од Шифрин, која задутре, на 13 март ќе прослави 24 години, имаат само нејзината сонародничка Линдзи Вон (82) и Австријката Анемари Мозер-Прел (62) меѓу жените и Австриецот Марсел Хиршер (68) како и рекордерот Стенмарк со 86 победи, кај мажите.
Шифрин ќе има уште три шанси да го подобри рекордот со оглед на тоа дека во завршницата на СК, во Андора, од среда до недела, ќе настапи на уште три трки, во супервелеслалом, слалом и велеслалом.