Во финалето таа ја совлада Серена Вилијамс (6-2, 6-2), која не успеа да стигне до 24-та гранслем-титула и да се израмни со рекордерката, Австралијката Маргарет Корт
Симона Халеп (27) е првата Романка победничка на гранслем-турнирот во Вимблдон. Во финалето на најпрестижниот тениски турнир во светот, Халеп ја совлада Американката Серена Вилијамс (37) во два сета, со 6-2, 6-2.
– Ова беше најдобриот меч во мојата кариера. Знаев дека морам да бидам агресивна, да се борам за секоја топка и да не ѝ дозволам на Серена да наметне своја игра, бидејќи знае да се снаоѓа во вакви ситуации. На претходните мечеви по малку бев импресионирана од Серена, но пред овој меч решив да се фокусирам на себеси и на финалето, не на неа. Затоа можев да одиграм најдобро, да бидам релаксирана, позитивна и самоуверена – изјави Халеп, за која ова е втора гранслем-титула во кариерата, по Ролан Гарос во 2018-та.
Серена Вилијамс, која го загуби и ланското финале на Вимблдон, од Германката Анжелик Кербер, не успеа да стигне до 24-та гранслем-титула и да се израмни со рекордерката, Австралијката Маргарет Корт.
Халеп, која пред финалето имаше забележано само една победа на последните 10 меча над Вилијамс, до победата стигна за само 56 минути игра, што е една од најбрзите победи во едно гранслем-финале. Во 2014-та, Петра Квитова од Чешка ја совлада Јуџини Бушар од Канада со 6-3, 6-0 за 55 минути. Рекордерка во оваа категорија е Германката Штефи Граф, која на Ролан Гарос 1988-та ја совлада Белорусинката Наташа Зверева, со 6-0, 6-0, за само 34 минути!
Халеп имаше само три неизнудени грешки во мечот (Вилијамс 26), што е нов рекорд откако се води ваква евиденција од 1998-та, една помалку од Петра Квитова во 2014-та (четири).
– Имав нерви. Мојот стомак не беше многу добар пред натпреварот. Но немав време за емоции, едноставно излегов и се обидов да играм најдобро што можам. За ова сонуваше мојата мајка кога имав околу 10 години. И, ете, дојде денот и мајка ми е тука да го види ова. Работев многу за мали промени на мојата игра на трева. Годинава, кога топчето доаѓаше накај мене, знаев што да правам. Не можам да дочекам повторно да се вратам тука – изјави по мечот пресреќната Халеп.
Серена Вилијамс го претрпе четвртиот пораз, три во низа, на последните шест гранслем-финалиња. Последен пат таа победи во Мелбурн 2017-та.
– Изгледа како Серена да го загубила духот, самодовербата – коментираше за Би-би-си Американката, Трејси Остин, двократната победничка на Вимблдон.
Но иако не ја освои титулата, Серена стана најстарата финалистка во историјата на гранслем-турнирите, по победата над Барбора Стричова од Чешка, во полуфиналето, во четвртокот, на 11 јули. Со 37 години и 291 ден, таа ја надмина претходната рекордерка, Американката со чешко потекло Мартина Навратилова, која на 37 години и 258 дена играше во финалето на Вимблдон во 1994 година и загуби од Шпанката Кончита Мартинез. Серена е највозрасната освојувачка на гранслем-трофеј, на 35 години, во Мелбурн 2017 година.