За идниот месец е предвиден спектакл по улиците на Лос Анџелес, пред трката за големата награда на САД, во Остин
Формула 1 на 30 октомври ќе го однесе спектаклот на големите трки во Лос Анџелес, со возбудливото возење Ф1-болиди по булеварот Холивуд, пишува на официјалната интернет-страница на Формула 1.
По успехот на претходните фестивали во САД, во Чикаго и во Мајами, Валтери Ботас, Даниел Рикиардо и Макс Ферстапен ќе се упатат кон Лос Анџелес, пред трката за големата награда на САД во Остин, Тексас, предвидена за 3 ноември, за да го демонстрираат вистинското гранпри-искуство.
Љубителите на Формула 1 ќе можат да видат како тројца победници на гранпри-трки ќе возат по познатиот булевар Холивуд, во центарот на Лос Анџелес. Фестивалот, кој е бесплатен за јавноста, ќе почне на 29 октомври, со откривањето на изложбата на автомобили „Холивудска возачка патека на славните“.
Сезоната во Ф1 продолжува утре, со ноќната трка во Сингапур (од 14.10 часот според средноевропско време). По 14 трки води Луис Хамилтон, со 284 бода, а потоа следуваат Ботас со 221, Ферстапен со 185, Шарл Леклер со 182, Себастијан Фетел со 169 итн.