Нема специфични тренинзи во ваква ситуација, сѐ се сведува на индивидуален избор, на техничките услови и на можностите, но на сите на кои им е ограничено движењето им препорачувам физички активности, вели Иван Јовановски, кој со години се грижи за физичката подготвеност на најдобрите македонски фудбалери, а Марија Стојкоска-Василевска, психолог во „Ре-медика“, меѓу другото, советува: „Треба сите да бидеме трпеливи, да сфатиме дека станува збор за здравјето, лично и за тие околу нас“
Нема спорт, празни сали и стадиони, нема раздвиженост, седење дома, за сите, од врвни спортисти до аматери и рекреативци, воопшто за младата и за повозрасната популација, поради ширењето на коронавирусот. Сите се погодени на различен начин и различно се справуваат со ситуацијата, а таа ќе бара и нови методи на тренирање, главно за зачувување на општофизичката кондиција во затворен простор, како за спортистите, така и за сите други.
За тоа како влијае принудната пауза за спортистите и за тоа што и како треба да прават, тие и другите, свое видување има Иван Јовановски, кој со години се грижи за физичката подготвеност на најдобрите македонски фудбалери.
– Во фудбалот досега немало ваква ситуација, со тотален прекин на натпревари, тренинзи, собири, патувања и слично. Имало некакви прекини по региони, временски ограничувања, но сето тоа било кратко, неспоредливо е со сево ова. Нема специфични тренинзи во вакви ситуација, сѐ се сведува на индивидуален избор, на техничките услови и на можностите. Тука станува збор за електровелосипед, за лента за трчање, домашни справи за вежбање, кои се многу достапни. Во домашни услови спортистите веќе ги споделуваат тренинзите на социјалните мрежи. Дозата на креативност секогаш може да се вклопи во најразлични методи, како „табата“, високоинтензивни интервални тренинзи и кружни тренинзи со различен карактер. Исто така, голем предизвик ќе претставува и психолошкиот ефект врз спортистите од настанатата состојба, што е важна алка при мотивацијата за нивните настапи.
Како и да е, на сите на кои им е ограничено движењето им препорачувам физички активности за подобро здравје и за подобро расположение – вели Јовановски, кој сезонава е дел од стручниот штаб на рускиот прволигаш Урал од Екатеринбург, на истите работни задачи, а претходно работел и во Металург, Академија Пандев, ЦСКА Софија, Лудогорец, Интер Баку, Генчлербирлиги и Ризеспор.
Во слична ситуација се речиси сите, од најмладите до највозрасните, кои се сметаат за најранлива категорија.
– Ова е непријатна, невообичаена ситуација и за спортистите, бидејќи тие не се навикнати да мируваат, нивното тело поинаку реагира. Станува збор за различни темпераменти, можно е да се јави еден вид фрустрација, некаков страв, раздразливост, понекогаш и мала паника, бидејќи нивниот професионален век е многу пократок. Можни се и прашања од типот што и колку ќе трае оваа состојба, дали ќе бидам во истата форма повторно. За справување со сево ова се потребни креативна адаптација и адекватен простор за вежбање, но многу е важна и редовната комуникација со колегите од тимот, онлајн, со тренерите, за размена на мислења и искуства, уверување дека сево ова е привремено. Многу е битна и менталната цврстина, секој во себе треба да бара и да најде мотиви за да ја надмине ситуацијата, да се смири и да се приспособи што е можно подобро – вели Марија Стојкоска-Василевска, психолог во „Ре-медика“.
Таа препорачува и трпеливост.
– Треба сите да бидеме трпеливи, да сфатиме дека станува збор за здравјето, лично и за тие околу нас. Кога знаеме зошто правиме нешто, постои своевидно олеснување, затоа што сѐ има некаква цел. Повозрасните добро го разбираат тоа, за разлика од децата, на пример, на кои тешко може да им се објасни дека треба да седат дома и да мируваат. И креацијата е многу битна, во смисла на тоа дека треба да се осмислат часовите и деновите минати дома, во затворен простор – вели Стојкоска-Василевска.