Осумкратниот шампион на „Вимблдон“, Роџер Федерер, беше елиминиран во четвртфиналето на Гренд слем турнирот во Лондон. 
 
Минатогодишниот шампион загуби од 6:2, 7:6 (5), 5:7, 4:6, 11:13 од Кевин Андерсон (Јужна Африка) по 4 часа и 14 минути игра, во својот прв натпревар на теренот бр. 1 од 2015 година.
 
Јужноафриканецот за прв пат во кариерата ќе игра полуфинале на турнирот кој се игра на терените на „Ол Ингланд клубот“.
 
Швајцарецот започна многу самоуверено и направи брејк уште во првиот гем, а до крајот на првиот сет загуби само еден поен на сопствен сервис.
 
Во вториот дел тој загуби за првпат на свој сервис на „Вимблдон“ по 85 последователни освоени сервис-гема, но Андерсон не ја искористи предноста од 3:0 во гемови и допушти пресврт, а Федерер го израмни рекордот од 34 последователни освоени сета во Лондон.
 
Третиот дел одеше без брејкови, а при 5:4 и сервис на Андерсон, Швајцарецот стигна до меч топка, но не ја искористи. Веднаш потоа Јужноафриканецот реализира брејк и го намали заостатокот.
 
Во четвртиот сет Федерер допушти грешка во седмиот гем, а во десеттиот имаше можност да го врати брејкот, но не ја реализира својата шанса.
 
Во одлучувачкиот петти дел, Швајцарецот играше подобро и во осмиот гем стигна до брејк  повторно, но повторно не успеа да го реализира. Така при 11:11 во гемови и 30:30, Федерер ја направи првата двојна грешка, а потоа Андерсон ја реализира единствената шанса за брејк во сетот, по што го затвори натпреварот при сопствен сервис.
 
Тој заврши со 28 аса и победи, иако освои помалку поени – 190:195, од својот противник во натпреварот.
 
Во полуфиналето, Андерсон го очекува победникот на натпреварот помеѓу Милош Раониќ и Џон Иснер.