Директорот на Тур, Кристијан Прудом, е носталгичен за минатите времиња кога немаше ушни трансмитери и мерачи на способностите и верува дека велосипедистите повеќе не го користат својот инстинкт туку се „залепени“ на екраните за да утврдат дали треба да напаѓаат или само да ги следат „бегалците“

На Тур де Франс, кој е во втората недела од 106-то издание, одамна поминаа деновите кога храбрите велосипедисти во поединечни делови од трката ризикуваа, се одделуваа од групата и во спринт ја поминуваа целната линија. Велосипедскиот спорт толку многу се смени за 20 години, што на многуте долги и рамни етапи индивидуалните „бегства“ немаат никакви шанси за успех.

– Етапна победа во стилот на Џеки Дуранд или Тјери Мари е речиси невозможна на грантур-трките, сигурно не на Тур де Франс – изјави за „Асошијтед прес“, Емануел Ибер, менаџерот на тимот Аркеа Самсик.

Ибер, поранешен професионален велосипедист, ги споменал Дуранд и Мари, двајца возачи што ја олицетворувале идејата за болка. Во 80-тите и 90-тите години од 20 век, тие биле способни да почнат рани „бегства“ на долгите патеки и да победат, со што станаа омилени кај љубителите на овој спорт.

Ваквите „авантури“ на долгите етапи уште се случуваат, но речиси никогаш не даваат плод. Како најсвеж пример за ова се посочува понеделничката етапа во југозападниот дел на Франција. Уште во почетокот шестмина се издвоија од групата, но бидејќи не беа закана за водечките беа оставени да се понадеваат дека можеби на целта ќе стигнат пред групата. Но беа внимателно следени и штом нивното водство достигна три минути, најдобрите тимски спринтери го забрзаа темпото за да осигурат дека „бегалците“ нема да направат поголема разлика, која подоцна ќе биде тешко да се надомести. Користејќи ги сите расположливи податоци за да ја одредат потребната брзина, спринтерите ја организираа потерата на околу 50 км од целта за да ги зауздаат водечките.

– Многу работи во тимовите зависат од спринтерите. За нив речиси е професионална грешка доколку на рамните етапи не ги стигнат „бегалците“. Тие треба да го дозираат спринтот за најбрзиот човек во тимот – вели менаџерот на Кофидис, Ален Делоил.

Ваквите сценарија, кои влијаат и на ридските етапи се вистински проблем за организаторите, кои треба да ја одржат возбудата во периодот од три недели. На состанокот зад затворени врати пред почетокот на Тур, директорот Кристијан Прудом апелирал до велосипедистите да бидат похрабри во нивните стратегии, поради здодевниот старт на трката лани. Делоил и Прудом се носталгични за ерата кога ушните трансмитери и мерачите на способностите биле термини што уште не биле измислени. Тие веруваат дека велосипедистите повеќе не го користат својот инстинкт, туку со очите се залепени на екраните за да утврдат дали треба да напаѓаат или само да ги следат „бегалците“.

Тимот Инеос често се потпира на базата на податоци, од малите уреди што се наоѓаат на велосипедите, кои ги мерат перформансите на возачите и одредуваат кога да се атакува на ридските етапи. Тоа е стратегијата што придонесе за пет победи на Тур со три различни возачи од 2012 година.

Стефан Росето, дебитантот на Тур, кој двапати си ја испроба среќата при долгите, неуспешни бегства вели дека многу од ривалите се премногу конзервативни во нивниот пристап.

– Тоа е модерниот велосипедизам и треба да се адаптираме. Многу возачи гледаат во своите податоци и не надминуваат одредена граница. Преку слушалките добиваме информации во реално време и тука нема многу простор за изненадување. Никогаш не гледам во моите податоци – вели Росето.
Лук Роу, колегата на бранителот на титулата, Герент Томас во Инеос, не се согласува со забелешките на Прудом.

– Тој живее во камена доба со таквите коментари. Можам да ви кажам од лично искуство, како момче што минува многу време во возење меѓу водечките во групата, дека не вози на сила, искалкулирано. Се вози на чувство, се вози во зависност од тоа кој е во бегство, колку далеку е напред, во кој правец е ветерот, каков е теренот. Треба да се имаат предвид сите овие фактори за да се одреди како ќе возите. Не зјапате во мерните инструменти и во податоците – вели Роу. 


Како се одредувал порано моментот за напад?

Директорот на Тур, Кристијан Прудом, би сакал да има ограничувања на ваквите мерни инструменти.
– Возачите не треба да имаат постојан пристап до податоците. Во минатото, Фаусто Копи го нападна Џино Бартали во моментот кога забележа дека малата сина вена на ногата на неговиот ривал почна да се зголемува. Тоа беше знак дека Бартали е уморен. И Бернар Ино чекаше нозете на Јоп Зотемелк да почнат да се движат нанадвор, бидејќи тоа значеше дека е уморен. Тоа беше моментот кога Бернар избра да нападне – вели Прудом.