Приватни истражувачи вчера успеаја да ги лоцираат остатоците од исчезнатиот авион во кој, според сите информации, трагично настрадал Емилијано Сала. Тој патуваше од Нант до Кардиф, кој го купи за 17 милиони евра.
– Не можам да верувам. Ова е кошмар. Очаен сум, изјави неговиот татко Хорацио Сала, откако дознал дека се пронајдени остатоци од авионот на неговиот син на дното на Ла Манш.
Се уште, сепак, не се пронајдени телата на фудбалерот и пилотот на авионот Дејв Иботсон.
– Ние секојдневно комунициравме и редовно ме информираа. Сега сум очаен, вели таткото на Емилијано пред аргентинските медиуми.
Сала беше на авионот кој исчезна од радарот на 21 јануари во Англискиот канал. Со него беше пилотот Дејв Иботсон. Сала патуваше до Кардиф, за кој неодамна потпиша, но тој никогаш не стигна дотаму.
Истрагата за исчезнатиот авион беше суспендирана по три дена, бидејќи спасувачите не нашле докази дека Сала и пилотот се живи, односно дека шансите да преживеат се рамни на нула.
Оваа вест обедини голем број на фудбалери. Меѓу нив беа Лео Меси, Гонзало Игуаин, Н’Голо Канте, Килијан Мбапе, кои испратија пораки за поддршка на семејството и апелираа до службите за спасување да продолжат со потрагата.
Многу спортисти помогнаа финансиски за да продолжи потрагата и на крајот успеаја во нивната акција да се дознае вистината.