Во деновите од викендот, лизгалиштето во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје беше домаќин на третиот национален и меѓународен натпревар во уметничко лизгање, под името „Скопје на мраз 2019“. На настанот, кој беше во организација на Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија, љубителите на уметничкото лизгање имаа можност да уживаат во уметноста на мразот на 73 натпреварувачи од Македонија, Србија и од Бугарија.
Генералната секретарка на Лизгачката федерација на Македонија, Весна Михајловска-Куковска, е исклучително задоволна од зголемениот број на странски учесници на натпреварувањето и одличниот настап на македонските лизгачки.
– Ова е трет меѓународен натпревар во наша организација и можам да кажам дека сме особено задоволни од големиот број странски натпреварувачи – 50 вкупно, што е најголем број досега. И покрај краткиот период што го имаме за тренинг и подготовка на нашите лизгачи, презадоволни сме од нивните презентации и пласман и можам да кажам дека посебно задоволство ни претставува тоа што од година на година сѐ повеќе бодовно напредуваат на европската листа – истакна генералната секретарка на Лизгачката федерација на Македонија, Весна Михајловска-Куковска.
Во интерпретативните категории, доминантни беа лизгачките од Србија, меѓу кои најзабележителен настап имаа Милица Круниќ, Ана Радуловиќ и Анита Ковач, додека, пак, во рамките на натпреварувачкиот дел на државното првенство, највисоко на пиедесталот се искачија македонските лизгачки Нина Стрезовска (сениорки), Јана Куковска (младинки) и Ангела Прилепчанска (јуниорки).