Владислав Артемиев

Рускиот велемајстор (ВМ) Владислав Артемиев (2.825 рејтинг-поени), го освои првото место, златниот медал и паричната награда од 2.000 евра на 31. Европско поединечно првенство (ЕП) во брз шах (темпо на размислување од двапати по три минути, плус две секунди по секој одигран потег), што се одржа во хотел „Александар палас“, во Скопје.

Во конкуренција на 324 шахисти (61 ВМ, 3 ЖВМ, 49 ИМ, 10 ЖИМ, 33 ФМ, 2ЖФМ) од 37 држави, по одиграните 22 кола (вчера и денес по 11), Артемиев, кој и пред почетокот беше рангиран прв на ова ЕП, освои вкупно 18,5 поени (16 победи, еден пораз и пет ремија), втор е натурализираниот Азербејџанец од бугарско потекло, ВМ Иван Чепаринов (2.618, рангиран 18-ти) со 17 поени, додека трет заврши ВМ од Чешка, Давид Навара (2.707, рангиран 4-ти) со 16,5 поени. Досегашен првак во брз шах беше ВМ од Белорусија, Сергеј Жигалко, кој не настапи во Скопје. 

Најуспешен македонски шахист (од пријавените 62-ца), е ВМ Кирил Георгиев (2.593, рангиран 22-ти), кој со 14,5 поени (12 победи, пет порази и пет ремија), го освои 30-то место.

Според распоредот, утре и задутре (11 ч.) во Скопје ќе се одигра и ЕП во забрзан шах во 13 кола (двапати по 15 минути, плус 10 секунди за секој одигран потег), за награден фонд од 21.950 евра (за шампионот 4.000).

Г.И.