За разлика од претходните Олимписки игри, каде што илјадници волонтери помагаа во организацијата и реализацијата на спортските настани, на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2020 година некои од волонтерите ќе бидат заменети со роботи, објавија британски медиуми.
Проектот за роботизација на ЛОИ во Токио ќе им помогне на корисниците на инвалидските колички на Олимпискиот стадион така што со помош на роботи ќе бидат опслужувани со храна и со пијалаци, а роботи ќе даваат и информации за настаните. Роботска асистенција ќе се користи и во олимписките села во Токио. Многумина од луѓето вклучени во организацијата ќе имаат и специјални роботски елеци за полесно кревање потежок товар.
– Со овој проект не сакаме само да ги промовираме роботите, туку да ја покажеме нивната практична примена во секојдневниот живот, помагајќи им на луѓето. На ЛОИ во Токио покрај тоа што ќе може да се види врвен спорт, ќе може да се види одлична роботика, која е иднината на светот – вели Хирохиса Хирукава, водачка на проектот.
Ова нема да биде прва употреба на роботи, но тие во минатото на ЛОИ беа употребувани во ограничени услови. Така, на ЛОИ во Рио во 2016 година специјализирани роботски камери ги снимале и ги фотографирале играчите на бадминтон од воздух, а со робот била отворена Параолимпијадата во Рио. Исто така, роботи се користеле за опслужување на спортистите во фрлање копје, со роботизирани тениски топови се опслужувале тенисерите за време на тренинзите пред натпреварите…