Про­мо­ци­ја на Ке­дев по по­вод 10 го­ди­ни од иска­чу­ва­ње­то на Монт Еве­рест Фото: Дарко Андоновски

По повод 10-те години од искачувањето на Монт Еверест, највисокиот врв на светот (8.848 метри), Сашко Кедев вечерва во големата сала на Македонската филхармонија, пред многубројни гости, академици, познати политичари, парламентарци, истакнати општествени работници и бизнисмени одржа инспиративна, речиси двочасовна видео презентација насловена „На врвот на светот и потоа“.

Кедев е третиот Македонец (по Димитар Илиевски-Мурато во 1989г. и Глигор Делев во 2007 година) кој пред 10 години, на 19 мај 2009 година се искачи на Монт Еверест.

Кедев говореше за почетоците во планинарството, за маките, за тешките, но и преубави моменти при искачувањата на врвовите, со посебен осврт на искачувањето на Монт Еверест.

-Не постои успех во животот без ризик, но потребно е тој ризик да биде пресметан. Може се да се постигне во животот, но потребен е многу труд, голема посветеност. Треба да се сонува, но со отворени очи, сонувањето и посветеноста се неворојатна комбинација – ќе рече, меѓу другото, Кедев на презентацијата.

Пригодно видео обраќање имаа Јован Поповски, водачот на македонската експедиција на Монте Еверест 1989-та кога Димитар Илиевски – Мурато како прв Македонец се искачи на највисокиот врв на светот, Глигор Делев кој во 2007-та се искачи на Монт Еверест и Надир Мурсели, кој заедно со Кедев и со Поповски се има искачено на највисоките и најтешки врвови во Европа.

Кедев кој е единствениот Македонец што ги има искачено највисоките врвови на сите седум континенти, се осврна и на искачувањата на Мекинли/ Денали во Северна Америка (6.194м), на Аконкагва, Ј. Америка (6.962), Килиманџаро, Африка (5.895), Елбрус, Европа (5.642), Винсон, Антарктик (4.892) и Панџук џаја/ Карстенс пирамидс, Индонезија/Австралија (4.884).

Л.Д.