Македонскиот карате-репрезентативец во борби, Емил Павлов (до 60 кг), утре ќе се бори за златниот, додека Ангела Мојсовска (до 68 кг) за бронзениот медал на 53-то Европско првенство (ЕП), кое се одржува во Нови Сад, Србија.
За Павлов ова е трет освоен медал на ЕП, по златото во Темпере 2014 година и бронзата на ЕП во Монпелје 2016, додека Мојсовска нема медал од ЕП.
За штипјанецот Павлов, ако триумфира во финалната борба, тоа ќе претставува втор златен медал, по оној во Темпере 2014 година, а вкупно трет на ЕП (има и бронза во Монпелје 2016). Во финалето ќе ги одмери силите со италијанскиот претставник Анџело Кершченцо. До финалето Павлов стигна откако ги елиминира Словакот Доминик Имрич (1-1, со прв освоен поен), Холанѓанецот Јасин ел Атар (6-2), Црногорецот Ненад Дуловиќ (3-2) и во полуфиналето Естонецот Калвинс Калинс (2-0).
– Сите борби беа тешки, но првата сепак беше најтешка. Губев до последните секунди, а потоа успеав да израмнам, а на изгласување на судиите и да победам. Потоа работите се нормализираа и во сите други борби на татамите влегов многу самоуверено, не им дозволив на противниците да ме изненадат, а некои од нив ги победив и со висок резултат. Италијанскиот каратист со кој ќе се сретнам во финалето е квалитетен борец, кого сепак не го познавам доволно иако го имам победено во Премиер-лигата во Салцбург. Верувам во себе, во мојата подготвеност и сметам дека со добра тактика, можам вторпат да дојдам до златото – оптимист е Емил Павлов.
Скопјанката Ангела Мојсовска (КК Макпетрол), пак, во дуелот за бронзата ќе се сретне со Ивона Чавар од БиХ. Претходно таа ги победи Малтежанката Ема Греч (4-2), Русинката Викторија Исаева (0-0 по судиско изгласување), Полјачката Дарија Орзечовска (0-0), а загуби од Азербејџанката Ирина Заретска (0-7).
На 53-то Европско сениорско првенство во Нови Сад настапуваат 662 натпреварувачи од 52 држави.
Г.И.