Имаме мошне квалитетен состав и во поединечна и во екипна конкуренција за ова СП, каде што, пак, конкуренцијата ќе биде исклучително голема, вели селекторот во борби Арсовски
Селекторите на македонската карате-репрезентација во борби и во кати, Сашко Арсовски, односно Стојан Андриевски, го прецизираа составот што ќе настапи на 24. Светско првенство (СП) во Мадрид, Шпанија, во ноември. Дебитантка е само членката на КК Кеикс од Скопје, Николина Милорадовска (категорија над 68 кг), која ќе настапи во борби.
– Имаме мошне квалитетен состав и во поединечна и во екипна конкуренција за ова СП, каде што, пак, конкуренцијата ќе биде исклучително голема. До почетокот на СП од поголемите манифестации нѐ очекува уште Премиер-лигата во Токио од 12 до 14 октомври. Во меѓувреме, репрезентацијата ќе се собира еднаш неделно, каде што ќе имаме заеднички тренинзи, а нема да изостанат ниту заедничките неколкудневни подготовки пред заминувањето во Мадрид – вели Арсовски.
Претстојното СП е мошне значајно натпреварување, оти токму од него почнуваат и квалификациите за Летните олимписките игри (ЛОИ) во Токио во 2020 година, каде што каратето првпат ќе биде дел од семејството на олимписките спортови.
Состав: ЖЕНИ (борби): Сара Радичевска (категорија до 50 кг), Јована Георгиева (до 55 кг), Наташа Стефановска (до 61 кг), Моника Стефановска (до 68 кг), Николина Милорадовска (до 68 к). Кати: Пулексенија Јованоска. МАЖИ (борби): Емил Павлов (до 60 кг), Давид Петков (до 67 кг), Азиз Исмаил (до 75 кг), Берат Јакупи (до 84 кг), Мартин Несторовски (над 84 кг), Жарко Арсовски (екипно борби), Петар Заборски (екипно борби). Кати: Фери Исиќ.