Машката селекција пред почетокот на ШО е рангирана 43-та, а женската е 58-ма. Од поединците можност за заверка на титула со освојување т.н. бал имаат Панчевски (за велемајстор) и Моника Стојковска (за женски интернационален мајстор)
Македонската машка шаховска репрезентација по 13-ти, а женската по 12-ти пат ќе настапат на 43-та Шаховска олимпијада (ШО) од недела до 6 октомври во Грузија. Шахистите се рангирани 43-ти (2.514 просечен рејтинг), од 185 селекции со вкупно 919 шахисти (од тоа 246 велемајстори), а шахистките 58-ми (2.039) од 151 репрезентација со 794 натпреварувачки (21 ВМ).
Ова ќе биде и убава можност со добар индивидуален пласман да се освојат и нови шаховски норми и титули. Кај мажите тоа се Филип Панчевски, кому му треба уште еден т.н. бал за титулата велемајстор (ВМ), како и младиот интернационален мајстор (ИМ) Никола Николовски, кој ќе настојува да го освои првиот бал за ВМ. Кај шахистките, пак, на Моника Стојковска по двата бала за женски интернационален мајстор (ЖИМ), освоени на ШО 2016, ѝ недостига уште еден за конечна заверка на оваа титула.
– Можам да ветам максимална борбеност на репрезентацијата, а 15-20 места подобар пласман од почетниот ранг би бил идеален. Но многу работи ќе зависат од противниците, тактиката што ќе се применува, па и од среќата. ВМ Кирил Георгиев на првата табла сигурно дека ќе ги има најсилните ривали, но лично најмногу поени очекувам од ВМ Трајко Недев, кој ќе игра на четвртата табла. Како што обично се случува во шахот, последните три кола ќе бидат решавачки за добар пласман – вели новиот селектор Роландо Кутиров.
Најдобриот почетен пласман (33-ти) и просечен рејтинг (2.543) на македонските шахистки досега бил на за ШО во Блед во 2002 година, а кај шахистките на ШО 1996 во Ереван (43-ти), а просечен рејтинг (2.139) на ШО 2000 во Истанбул. Шахистите најдобриот пласман го остварија во Истанбул во 2000 година, кога беа на делба на 7-то место, а шахистките во Елиста во 1998 година, кога завршија на 34-то место.
– Позадоволен би бил да направиме еден, два или три екипни сензационални резултати или некој поединечно да совлада некое звучно име, да се освои некоја титула, отколку да бидеме 10-15 места подобро пласирани од стартниот ранг, бидејќи тоа повеќе ќе остави впечаток отколку завршниот пласман, кој сигурно нема да биде ниту многу висок, ниту многу слаб. Како што на пример беше нерешениот резултат на девојките против Русија на ШО во Русија, што малкумина знаат – вели капитенот на женскиот тим, ВМ Влатко Богдановски.
На ШО ќе се играат 11 кола. Титулите од пред две години во Баку (Азербејџан) ги бранат САД (мажи) и Русија (жени), кои и сега се рангирани како први. Шахист со највисок рејтинг е годинашниот претендент за светската титула, ВМ од САД, Фабиано Каруана (2.827), а кај шахистките Кинезинката Венјун Ју (2.561).