На ЕП настапувале многу познати шаховски имиња, но, сепак, на прсти можат да се избројат светските прваци што биле дел од него, пред и по освојувањето на планетарната шаховска круна
На европските првенства (ЕП) настапувале многу познати шаховски имиња, но, сепак, на прсти можат да се избројат светските прваци што биле дел од него пред и по освојувањето на шаховска круна (според Светската шаховска федерација, ФИДЕ). Во оваа категорија е Украинецот Руслан Пономарјов, кој ќе настапи во Скопје, како рангиран 15-ти пред турнирот. Тој играше и на ЕП 2001 во Охрид, кога го освои второто место, а светски првак беше од 2002 до 2004 година. Пономарјов веројатно ќе биде единствениот светски првак што ќе игра на јубилејното 20-то Европско поединечно првенство (ЕП) во шах во Скопје (од понеделник до 29 март).
Во таа категорија е и Русинот Александар Халифман, а кај жените, Бугарката Антоанета Стефанова, Русинката Александра Костењук и Украинките Ана Ушенина и Марија Музичук. Другите во обете конкуренции апстинирале од континенталниот настап.
– Тоа е така затоа што најдобрите 15-20 во светот најчесто играат на силни затворени турнири. Втора причина е што со играњето на ЕП тие ризикуваат да го намалат својот рејтинг, бидејќи има многу млади талентирани шахисти што се во постојан подем и сакаат да се докажуваат. Пономарјов уште игра, оти тој одамна излезе од шаховскиот крем, а Стефанова е вистинска шаховска професионалка, која настапува на многу турнири низ светот. Секако и финансиските мотиви можат да бидат причина да се игра на ЕП – појаснува македонскиот ФМ Љубиша Андоновски.
Но на ЕП порано настапиле многу имиња познати денес, како што се финалистите за светски првак, Русинот Сергеј Карјакин, Американецот Фабијано Каруана, Швајцарецот Виктор Корчној, Израелецот Борис Гелфанд, како и светските прваци со забрзано темпо на игра, Украинецот Василиј Иванчук, Азербејџанецот Шакријар Мамеѓаров, Русинот Данил Дубов, Ерменецот Левон Аронијан, Русинот Александар Гришчук итн.
– Подготовките се одвиваат според предвидениот план, очекувам околу 400 шахисти да настапат во Скопје. Мечевите од првите 50 шаховски табли ќе бидат пренесувани во живо на повеќе линкови, а со ТВ Сител се договоривме секој ден да има директно вклучување во салата со соодветни информации. Предвидена е и пригодна програма на свеченото отворање, каде што ќе учествува една наша музичка група, а покрај другото свој настап ќе има и детска балетска група – ни изјави претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Благоја Богоевски, во пресрет на ЕП во Скопје.
Новиот европски првак ќе биде познат по одигрувањето 11 кола по швајцарски систем. Засега се пријавени 365 учесници од 43 држави, од кои 146 се со највисоката шаховска титула, велемајстор.