Македонската фудбалска репрезентација е 69-та, а кошаркарската се најде на 53-то место на најновите рангирања на двете планетарни спортски федерации. Светската фудбалска федерација (ФИФА) го објави септемвриското рангирање, на кое Македонија скокна две места и се најде на 69-то скалило. Во водство е Белгија, пред Франција, Бразил, Англија, Португалија… Вкупно се рангирани 211 репрезентации од целиот свет, а црвено-жолтите се 35-ти меѓу 55 европски селекции.
По Светското првенство што се играше во Кина, Светската кошаркарска федерација (ФИБА) го објави своето рангирање, на кое Македонија е 53-та, а на минатото рангирање беше на 42-то место. Во водство и понатаму се САД, одново пред Шпанија, а сега на третото место е Австралија, по скокот од осум места. На листата на ФИБА има 164 репрезентации. Македонија е 29-та меѓу 49 европски селекции.
По Европското првенство во одбојка се очекува ново рангирање и на репрезентациите на листата на Светската одбојкарска федерација.