Фудбалските стручњаци, опишувајќи ја играта на Модриќ, истакнуваат дека она што е фасцинантно кај него е леснотијата
со која тој игра фудбал, како тоа да е толку едноставно, просто ужива во тоа што го прави

Хрватот Лука Модриќ (32) е во фокусот на вниманието на светската фудбалска јавност. Тој беше најзаслужниот за вицешампионската титула на „коцкестите“ на Светското првенство (СП) во Русија, за што ја доби и „златната топка“ за најдобар фудбалер.
Модриќ потекнува од околината на Задар (Модриќи), а првите фудбалски чекори ги направил во почетокот од 90-тите години на минатиот век, во периодот на распадот на СФР Југославија и борбата за независност на Хрватска. Лука со семејството неколку години поминал во бегалски камп и по хотели.
– Лука дојде кај нас во 1992 година, кога паѓаа гранати врз Задар. Кога ќе почнеа да паѓаат, престанувавме со тренингот и одевме во засолништето, а кога ќе престанеа, се враќавме на теренот. Тој сакаше да тренира, имаше карактер, сакаше да се дружи, уште како мал имаше квалитети на лидер – вели Миодраг Пауновиќ, еден од првите тренери на Модриќ.

Потоа Модриќ се сели во Динамо Загреб, од каде што го испраќаат на заем во Зрињски од Мостар (станува фудбалер на сезоната во БиХ) и во Интер Запрешиќ (освојува вицешампионска титула), на калење. Откако се враќа во Динамо, освојува три шампионски титули во низа, станува капитен на тимот, во март 2006 година дебитира за Хрватска (тест-меч со Аргентина во Базел), во 2007-та е прогласен за најдобар играч во шампионатот, што е најава за она што ќе следува, а тоа е трансферот во англиската Премиер-лига, во лондонски Тотенхем, за 18 милиони евра.

Добрите игри во белиот дрес (станува и капитен) беа причина за него да се заинтересира славниот Реал Мадрид, кој во 2012-та за трансферот на Модриќ даде 33 милиони евра. Во следните шест сезони тој со Реал освои четири титули првак на Европа, а во последните три сезони беше избиран и во најдобриот тим на сезоната во ЛШ. За репрезентацијата на Хрватска досега одиграл 113 натпревари и учествувал на сите поголеми натпреварувања на кои се квалификува Хрватска – ЕП 2008, 2012 и 2016-та и СП 2006, 2014 и 2018-та.

Фудбалските стручњаци, опишувајќи ја играта на Модриќ, истакнуваат дека она што е фасцинантно кај него е леснотијата со која тој игра фудбал, како тоа да е толку едноставно, просто ужива во тоа што го прави. Тој не е надарен како Диего Марадона или Лионел Меси на пример, не прави невозможни работи, но кога ќе ја додаде топката, многумина на трибините и пред ТВ-екраните помислуваат дека тоа е толку едноставно и си велат „па, и јас можам така “.

Но една работа е кога се гледа, а сосема друго кога се игра фудбал. Кај Модриќ не станува збор само за едноставно додавање на топката, тоа се додавања со смисла, со интензитет, јасност, намера. На натпреварите на СП изгледаше како просторот да се стеснува, да исчезнува, што е чудно, со оглед на фактот дека теренот е долг 100 метри и е широк 70 метри. Модриќ прави чуда, тој како да внесува свеж воздух, на топката ѝ ја дава потребната брзина, каде и да е на теренот, а тоа го може само некој што знае да игра фудбал.

Тој е насекаде на теренот, тој ја сака секоја топка, работи напорно, но никогаш не си дозволува на кој било начин да биде демагог. Не игра за нечие туѓо задоволство, бидејќи е премногу фокусиран на фудбалот.
Неговата интелигенција, вродената и „мускулната“, не е толку видлива за просечниот навивач, па можеби затоа тој го нема заслуженото медиумско внимание, па и повисоката пазарна вредност. Последните шпекулации се дека за него се заинтересирани од Манчестер јунајтед, но и Челси и Ливерпул.


„Треба да верувате во себе“

Лука Модриќ вели дека посветеноста, самодовербата, смислата за игра, вештината и издржливоста се поважни во фудбалот од физичката конституција (тој е висок 1,72 метар и тежок 66 кг).
– Отсекогаш сум ги игнорирал таквите разговори, никогаш не сум се сомневал во себе, дури и кога другите го правеа тоа. Секогаш верував дека можам да стигнам до местото каде што сум денес и благодарен сум му на бога за ова. Не мора да бидете џин за да играте фудбал, јас сум среќен со тоа кој сум и каде сум. Најважно е никогаш да не се откажувате. Без оглед на околностите, треба да верувате во себе – вели Модриќ.


Лука Модриќ
Роден: 9.9.1985 во Задар
Висок: 172 см
Тежок: 66 кг
Позиција: плејмејкер
Кариера: Задар, Динамо, Зрињски, Интер Запрешиќ, Динамо, Тотенхем, Реал Мадрид
Репрезентација: 113 настапи, 14 гола
Успеси: вицешампионска титула со Хрватска на СП 2018, четири титули европски клупски првак (Реал), три титули светски клупски првак (Реал), три суперкупа на УЕФА (Реал), еднаш шпански првак (Реал), трипати хрватски првак (Динамо)…
Индивидуални награди: „златна топка“ на СП 2018, „златна топка“ на клупското СП 2017, најдобар плејмејкер според УЕФА за 2017-та, најдобар во првенствата на БиХ, Хрватска, шест пати фудбалер на годината во Хрватска…