Надежниот ФИДЕ-мајстор од Неготино, Тони Лазов (2.296 рејтинг-поени), ја освои и третата норма за интернационален мајстор (ИМ), откако го освои второто место на 12-от меѓународен турнир „Триандриа“, што се одржа во Солун, Грција. Во конкуренција на 96 шахисти (5 ВМ, 5 ИМ, 5 ФМ, 3 ЖФМ) од 14 држави, членот на Алкалоид освои седум поени од девет можни (пет победи и четири ремија), остварувајќи играчки перформанс од 2.440 поени и нови 39,2 рејтинг-поени. Сега на Лазов му треба уште рејтинг од 2.400 поени за и официјално да стане 13-от македонски шахист со оваа титула. На овој турнир тој ремизира со двајца ВМ, Александар Фиер (2.570) од Бразил и Радослав Димитров (2.521) од Бугарија, победникот на турнирот.
– Очекував бал за ИМ и пласман меѓу првите пет места. Задоволен сум од настапот, а посебно од играта против Бугаринот Мартин Петров и Полјакот Марчин Пјетрушевски, кои ги победив напаѓачки во минијатура. На следните турнири ќе се потрудам да ги освојам потребните рејтинг-поени и што побрзо да ја заверам титулата ИМ – задоволно вели Лазов.
Лазов (19), кој досега ги бранел боите и за македонската сениорска репрезентација, првата норма за ИМ ја освои во 2017 на ЕП (до 18 год.) во Мамаја (Романија), а втората лани на СП (до 18 год.) во Порто Карас (Грција).
Македонски шахисти што моментно имаат титула ИМ се: Јован Софревски, Ристо Ничевски, Никола Димовски (1989), Димитар Илиевски (1996), Тони Кироски (1996), Орце Данчевски (1998), Марјан Митков (2001), Дејан Стојановски (2002), Ванчо Стаменков (2004), Атанас Кизов (2005), Филип Панчевски (2008), Никола Николовски (2018).