Покрај машкиот одбојкарски клуб Шутова, кој со успех со години се натпреварува во Првата лига и пред две години ја освои и двојната круна, годинава на одбојкарите во елитното друштво ќе им се придружат и одбојкарките од новоформираниот клуб „Ускана“, кој за прв пат сезонава ќе се натпреварува во Првата женска одбојкарска лига после дваесеттина години откако згасна женскиот одбојкарски клуб „Борец“. 

Во Кичево женската одбојка на голема врата се враќа во градот. Во клубот партиципираат претежно девојки од градот кои во претходните неколку сезони се натпреваруваа во помлади категории, на турнирите што беа организирани ширум земјава, а нови аквизиции во екипата ќе бидат одбојкарки од Тетово и Прилеп.

-Нашиот одбојкарски клуб „Ускана“ официјално е регистриран во 2017 година, а од оваа првенствена сезона ќе се натпреварува во елитна конкуренција. Претходно екипата се натпреваруваше во пионерска и кадетска конкуренција на турнирите што беа организирани насекаде во земјава. Бидејќи не поседуваме поголемо играчко искуство, наша цел ќе биде да опстанеме во лигата. Во нашиот погон имаме добра генерација на девојки, а екипата е засилена и со три одбојкарки од Бамикор Тетово, од кои најпознатата е Амра Ајредини. Исто така ни пристапија и три млади одбојкарки од Прилеп, без лигашко искуство, но предиспонирани за овој спорт и со голем играчки талент- вели Башким Мехмеди, спортскиот директор на „Ускана“.

Тој додава дека екипата ќе ја води Бејтула Емини, а асистент ќе му биде одбојкарката Шкипоња Алити. Мехмеди посочи дека во градот интересот за одбојката меѓу младите е многу голем.

Зоран Антоски